Секоја криза е шанса а актуелната енергетска криза е шанса да направиме енергетска трансформација, порача мандаторот за состав на новата влада, Димитар Ковачевски во своето обраќање на првиот ден од расправата за избор на нова влада во Собранието.
Во експозето, Ковачевски најави дека владата што тој ќе ја предводи ќе стави фокус на инвестициите во обновливите избори на енергија кои на среден и долг рок треба да донесат енергетска стабилност.
– Во делот на енергетиката посветивме многу енергија и труд затоа што уште еднаш се покажа колку сме ранливи доколку сме високо енергетски зависни. Бидејќи секоја криза е шанса, оваа мора да се искористи за енергетска трансформација. Конкретно, Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем.
Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикаснoто искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција. Зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија, порача Ковачевски во своето обраќање.