Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата се разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и актуелните состојби во тој контекст.
Димитров упатил благодарност за континуираната американска поддршка на европските интеграции и партнерството и сојузништвото во справувањето со глобалните предизвици, како израз на заедничките вредности.
„Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање на нов моментум за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед“, посочил вицепремиерот.
Ескобар ја истакнал посветеноста на Северна Македонија како НАТО сојузника во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евро-атлантските вредности, при што ја посочи важноста на Преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.
Тој нагласил дека покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори.