Предизвикот на обвинителите и судиите во битката за обезбедување на владеењето на правото и еднаков пристап до правдата е секојдневен. Во таа битка тие често се критикувани и напаѓани, истакна Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески во обраќањето на свечениот настан по повод 15-годишнината од создавањето на Академијата за судии и јавни обвинители. Сепак, додаде тој, ова треба да биде само поголем мотив за јавните обвинители и судиите да ја извршуваат функцијата професионално, непристрасно и одговорно.
„Ние, обвинителите и судиите, во работата и одлуките кои ги носиме, мора да ја обезбедиме еднаквоста на граѓаните пред законот. Се додека не се постигне тоа, граѓаните нема да имаат доверба во нашата работа. Тоа ја поткопува правната сигурност во општеството и е плодно тло за корупцијата која не познава граници и подеднакво ги напаѓа развиените и неразвиените држави“, рече тој.
„Ниту една држава, без разлика колку е демократска, не е имуна на корупција. Но ова не треба да ни биде алиби или оправдување за толерирање на оваа општествена болест која ја разградува економијата, ја урива демократијата и не оддалечува од посакуваната иднина во Европската унија“, нагласи Јовески.
Потенцираше дека не треба да се бараат оправдувања за критиките за неефикасност на кривичниот прогон, за застарување на гонење и за неефикасност на рочиштата.
„Долгото траење на постапките не ја обезбедува правдата и со право се вели дека бавната правда, често е и неправда. Граѓаните со право бараат брза и ефикасна правда. Не смее да се дозволи, по одржани повеќе од 100 рочишта во конкретен предмет во кој има и човечки жртви, да не се донесе одлука“, рече Јовески, додавајќи дека на оние судии и обвинители кои се раководат од други интереси, а не од професионалните, не им е место во нашите редови.
Сум ја вршел судската сега и обвинителската функција и затоа можам да кажам дека и чест и гордост, но и голема одговорност е да си обвинител или судија.
„Јавната доверба во правосудниот систем и во моралниот авторитет и интегритет на обвинителите и судиите е од голема важност во демократското општество. Мора да се работи независно, врз основа на доказите и фактите во постапката, без надворешн влијанија, предубедувања, притисоци, закани или мешања“, апелираше Јовески, додавајќи дека правосудните реформи не смеат да бидат само на хартија.
Според него, Академијата за судии и јавни обвинители е пред постојан и сериозен предизвик да едуцира и да подготви искусни и со интегритет обвинители и судии, кои нема да го користат и злоупотребуваат правото, туку ќе обезбедат негово владеење и ќе го гарантираат основниот уставен постулат за еднаквост на граѓаните.
„Реформите во правосудниот систем не би биле одржливи без соодветно подготвени професионални кадри. Во почетната и континуираната обука што се одвива во рамките на Академијата треба да се применат најдобрите европски практики, а особено внимание да се посвети на зајакнување на интегритетот на јавните обвинители и судиите и на обучување на теми поврзани со спречување и борба против корупцијата“, рече државниот јавен обвинител.