Ако често имате кошмари, не грижете се, не сте единствените.
Според студијата од 2010 година објавена во списанието Слип, 5,1% од општата популација има барем еден кошмар неделно. Иако сите знаеме дека кошмарите се страшни, дали некогаш сте се запрашале што е всушност кошмар?
Како што дефинираа експертите од клиниката Мајо, „кошмарот е вознемирувачки сон поврзан со негативни чувства, како што се анксиозност или страв што нè буди.“ Тие се почести кај децата, но може да се појават и кај возрасните и обично се појавуваат во втората половина од ноќта додека се наоѓаме во делот на сонот со забрзани движења на очите (РЕМ фаза).
Главната разлика помеѓу кошмарот и лошиот сон е тоа што анксиозноста предизвикана од кошмар обично ќе не поттикне да се разбудиме. Додека невронаучниците сè уште дебатираат за тоа што предизвикува кошмари, постојат силни докази дека причините се хроничен стрес или анксиозност, проблеми со менталното здравје, недостаток на сон, одредени видови на лекови и откажување од дрога.
Што знаат истражувачите за врската помеѓу храната и кошмарите?
Студијата објавена во списанието за клиничка медицина за спиење заклучи дека јадењето пред спиење е поврзано со негативни ефекти врз спиењето кај здрави возрасни лица. Ако сте личност која е склона кон доцни вечери или полноќни грицки, треба да знаете каков вид на храна треба да избегнувате.
Врз основа на студија објавена во научното списание “Фронтиерс ин психолџи” од 396 студенти на додипломски студии, млечните производи најчесто се поврзуваат со вознемирувачки соништа. Исто така, зачинетата храна ја издвоиле учесниците кои имале кошмари.
Сепак, потребни се повеќе истражувања за со сигурност да се заклучи дали млечните производи, зачинетата храна или друга храна можат да влијаат на соништата. Ако се чувствувате гладни пред спиење, здравствените експерти генерално предупредуваат дека јадењето солена брза храна или слатки не е најдобрата идеја. Изберете храна богата со хранливи материи, како што се јаткасти плодови, бобинки или малку темно чоколадо за да го задоволите гладот. Помалку е веројатно дека ќе влијае негативно на вашиот метаболизам и ќе го наруши режимот на спиење.