22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Мицкоски: Преспанскиот договор не нѝ се допаѓа, но е реалност и ќе го почитуваме

На новинарско прашање дали ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе го почитува Преспанскиот договор и уставното име на државата, лидерот на партијата Христијан Мицкоски рече дека и сега ВМРО-ДПМНЕ го почитува тој договор имајќи предвид дека пратениците ја потпишале изјавата на која стои придавката Северна. „Таа реалност која не нѝ се допаѓа ќе ја почитуваме инаку ќе навлеземе во проблеми, меѓу кои и во работата на институциите“, рече Мицкоски.

Повод за новинарското прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува Преспанскиот договор доколку има парламентарни избори и партијата победи на нив, беа случаите во советите на Аерордром и Штип каде советниците потпишаа изјава на која стои старото име на државата – Република Македонија.

„Тоа што се случувало во тие совети е заради неусогласеност на Законот за локална самоуправа со Уставот. Но тие случаи се претставуваат на друг начин само за да се направи дефокус од главната тема – оставката на Заев и избори. Но, прашувате дали ќе го почитуваме Преспанскиот договор ако дојдеме на власт? Па видете, ние функционираме во реалноста на тој договор. Имаме пратеници во Собранието на Македонија кои за таа фунцкија потпишале изјава на која стои таа придавка во уставното име. Таа реалност ја донесе Заев и ние многу пати сме се изјасниле што мислиме за тој договор. Таа реалност не нѝ се допаѓа. Но ако не ја почитуваме ќе имаме проблеми со функционирањето во поглед на работата со институциите, со судството, со обвинителството… Кога се носеше тој договор нѝ беше ветувано дека нѐ чека подобар живот, европски стандард, образование, здравство… Но добивме само понижувања. Затоа се потребни брзи парламентарни избори и формирање на Влада која ќе има легитимитет да работи и да носи добри решенија“, изјави Мицкоски.

На прашањето како ќе ја смени таа реалност имајќи ги предвид неговите поранешни изјави за Преспанскиот договор, Мицкоски рече: „Ќе седнеме со нашите пријатели и ќе се обидеме да им објасниме дека за народот во Македонија таквата реалност е понижување. Тоа е тоа“.