12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Мицкоски не успеа да направи мнозинство, сега бара брзи предвремни избори

Првата опција за формирање ново парламентарно мнозинство и влада, кажа тој, нема да ја даде потребната енергија. На прашањето зошто се откажал од формирање ново парламентарно мнозинство, кое долго време го најавуваше, тој одговори дека ново мнозинство е потребно за распишување нови избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара итни предвремени парламентарни избори бидејќи, како што рече, Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат кредибилитетот меѓу народот.

„Најдобро решение е без одлагање, брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат стабилна влада и вадење на Македонија од кризата. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што потребна е стабилна влада“,

рече Мицкоски потенцирајќи дека треба да се направи и консултација со ДИК за да види колку во кој рок тие би можеле да ги организираат изборите.
Тој истакна и дека законските одредби мора да се почитуваат, а тоа би значело и формирање техничка влада со технички министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ и тројца технички заменици-министри.

Според него, избори се потребни и бидејќи треба да се носат крупни одлуки за претстојните предизвици, а актуелната влада нема легитимитет за тоа. Како предизвици со кои треба да се справуваме во претстојниот период тој наведе четири: енергетската криза; очекуваниот нов ковид-бран; застој во европските интеграции и падот на економијата.

Првата опција за формирање ново парламентарно мнозинство и влада, кажа тој, нема да ја даде потребната енергија.

„Нема да даде ни нова енергија потребна за реформите. Тоа само ќе нè внесе во нови разговори, преговори и слично кои ќе го разводнат капацитетот за управување со институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја отсликува волјата на народот“,

рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето зошто се откажал од формирање ново парламентарно мнозинство, кое долго време го најавуваше, тој одговори дека ново мнозинство е потребно за распишување нови избори.

Ако актуелната влада не прифати, според Мицкоски, ќе треба да ја сноси и целата одговорност понатаму.

„Ако Владата направи ваков потег и ја одбие подадената рака за брзи избори, тоа значи дека целокупното неуспешно функционирање, енергетската криза која тропа пред порти, надоаѓачкиот нов ковид-бран, катастрофата во образованието, жестокиот пад на економијата… ќе бидат исклучиво одговорност на Владата“,

вели Мицкоски.
На прес-конференцијата на која побара предвремени избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека и самиот Зоран Заев ги направил локалните избори како референдум за актуелната влада.

„На крајот и самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а самите локални избори се доживеаја како референдум за актуелната влада и народот жестоко ги казни“,

рече Мицкоски.
Тој коментираше и околу оставката на актуелниот премиер и рече дека дури и да си замине министрите ќе продолжат да го претставуваат неговиот корумпиран систем што два пати на локалните избори доживеал неуспех.

„Дури и да си оди Зоран Заев, но Владата да остане, Венко Филипче и понатаму ќе биде неуспешен министер кој е рекордер по тоа колку луѓе ја изгубија битката со ковид; Љупчо Николовски ќе биде нефункционален министер, а Македонија ќе води во корупција; Мила Царовска ќе го уништува образованието, а Македонија и понатаму ќе нема ниту еден универзитет во првите 2 000 на Шангајската листа“, рече Мицкоски.

Спонзорирано: