Минималната синдикална кошничка со кирија достигна 90.000 денари, а власта одбива да ја покачи минималната на 600 евра, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес – конференција. Филипче посочи дека животниот стандард на граѓаните дополнително се влошува, а трошоците за живот стануваат сè понедостижни за семејните буџети.
„Според последните извештаи, вредноста на синдикалната кошничка е повторно зголемена. Сега е 71.000 денари. Ако се додадат киријата или кредитите кои што ги плаќаат граѓаните за становите, тие трошоци се над 90.000 денари“, рече Филипче.
Притоа, тој посочи дека само за храна и пијалаци се потребни околу 26.000 денари, што значи дека цела минимална плата оди за основните потреби, без да останат пари за сметки, струја, вода, децата и другите секојдневни трошоци.
„Околу 26.000 денари е само трошокот за храна и пијалаци. Значи, една цела минимална плата оди за храна и пијалаци. Каде се парите потребни за сметки, за струја, за вода, за грабарина, трошоците за децата, школски прибор, обувки и така натаму?“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ во собраниската расправа за Буџетот поднесе амандмани за зголемување на минималната плата на 600 евра и за подобрување на студентскиот стандард, но власта повотрно одби да ја зголеми минималната плата со образложение дека нема пари, ама има за партиски тендери.
„Ние поднесовме бројни амандмани. Одговорот засега од власта е дека нема пари и тоа е единствената вистина, дека пари во буџетот нема за ништо. Имаме 225 амандмани, меѓу другото, 600 евра зголемување на минималната плата и за тоа нема пари, зголемување на средствата за студентите, да се зголеми студентскиот оброк и за тоа исто така нема пари, а има за партиски тендери“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека најавеното поскапување на електричната енергија од почетокот на следната година ќе предизвика ново поскапување на производите и дополнително ќе го намали и онака нискиот животен стандард.
„Што ќе се случи после Нова година? Ова зголемување на струјата за дополнителни 2-3% ќе повлече повторно поскапување на буквално сите производи кај нас“, рече Филипче.
Филипче порача дека граѓаните секојдневно ја чувствуваат тежината од економските политики на Владата, додека Мицкоски се обидува да ја замаскира реалната состојба со демагогија.
„Се наоѓаме во катастрофална ситуација со буџетот, која премиерот се обидува да ја замаскира со неговата секојдневна демагогија, која сè полошо ја продаваат неговите пропагандни медиумски канали, затоа што луѓето гледаат сè повеќе колку потешко се живее дополнително, од почетокот на следната година, кога ќе поскапи струјата и понатаму ќе повлече да поскапи и сè друго“, рече Филипче.


