Обраќање на лидерот на СДСМ Зоран Заев:
Дозволете на почеток, најпрво да им се заблагодарам на партнерите во владината коалиција, кои денес во текот на целиот ден, јасно порачаа дека остануваме сите заедно на демократскиот и европскиот пат и ги потврдија своите заложби државата да продолжи да се движи напред. Во овие моменти навистина значи јасно и јавно искажаната определба да бидеме обединети во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и во обезбедувањето подобра иднина за целиот наш народ.
Денеска, се разобличија сите дезинформации кои ги слушавме претходните денови за наводни нови мнозинства. Денеска имаме јасна потврда – имаме владино мнозинство и владина коалиција која е стабилна, обединета, коалиција која го води нашето општество напред, силна и сплотена. Продолжуваме да работиме посветено, заедно за доброто на граѓаните.
Но, ние пред себе имаме друг предизвик.
Граѓаните ни упатија јасна критика, опомена, би рекол и казна. Ние тој став и тој глас го слушаме, го разбираме и го уважуваме. Свесни сме, и јас лично, и партијата, дека повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки.
Ние сме партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив.
СДСМ учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните. Ова е демократска, отворена, приземјена политичка опција која се коригира и која се менува после критика. СДСМ од понеделникот е влезена во процес на редефинирање и унапредување на каналите за интеракција и комуникација со граѓаните. Преземаме чекори за подобро разбирање и побрзо реагирање на потребите на граѓаните. СДСМ слуша, се отвора уште повеќе, станува подостапна за народот и ги зајакнува механизмите за брз одговор на потребите.
Оваа опомена која ни ја дадоа граѓаните ќе се рефлектира и врз подобрување на работата и на општинските, но и на централните институции и на владата. Ние немаме што друго да кажеме на граѓаните освен, „Благодариме, Примено, Постапуваме!”
Не од следниот мандат, не после локалните избори, не од наредниот понеделник. Сега. Од овој момент. Од овој момент, СДСМ постапува по насоката која ја даде народот и СДСМ се менува.
Затоа, првата порака е до моите партиски другари: ние добивме жолт картон од граѓаните. Од тоа колку ќе го послушаме нивниот глас, зависи дали тој ќе стане црвен, за секој од нас, и за сите нас.
Затоа почитувани граѓани,
со чист образ, сакам да побарам од вас да дадете шанса за земјата и општеството да продолжат да се движат кон иднината, наместо да се враќаат кон минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел. Да се обединиме, сите, слободоумни, критички, демократски, европски, напредни сили.
Во име на се што постигнавме досега, сакам да пратам порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, во огромна неизвесност и криза.
Повикувам да се обединиме за да продолжиме напред. Да излеземе и да гласаме за нашите села и градови, за нашата земја, да продолжат да се движат напред. За сите наши градови. Не заборавајте, во вториот круг сме во 40 општини меѓу кои и во Градот Скопје.
А, Скопје ја влече земјата напред. Скопје е наше, на сите. Пред се на скопјани, но и на сите други, на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и другите… на сите кои живеат, но и сите кои поминуваат низ него. Нема напредок ако Скопје продолжи назад.
Затоа народе мој, 31 октомври не е само избор за решавање на комуналните проблеми.
31 октомври е избор каде оди државата. А, може ли државата да оди напред, ако Скопје почне да влече назад? Може ли државата да оди напред ако во Скопје се вратат нови галии, жални врби и нов кичерај?
Мојата влада, нашата влада може да води напред само ако и Скопје влече напред. Така бидува напредок, така бидува развој.
Затоа, повикувам да се обединиме и на 31 октомври да гласаме:
▪ за да живееме во слобода и демократија, со власт која слуша и се коригира, а не со власт која е режим и пред кој народот молчи
▪ за да продолжи растот на платите, пензиите, стипендиите и социјалната помош, за парите да одат кај граѓаните, во развојот, во мостови, железници, во булевари и водоводи, а не во спомениците, во галиите и во кичерајот
▪ заради интеграцијата, членството во НАТО кое заедно го остваривме и за да продолжиме по европскиот пат за кој сме цврсто определени, наместо за нова неизвесност, кавги и поделби, и внатре и со соседите
▪ за општини каде се градат патишта, сообраќајници, училишта, градинки, гасоводи, а не за шпански скали, споменици, жални врби, галии и барокни фасади од стиропор
Да се обединиме околу идејата и коалицијата која води напред, во иднина, кон НАТО, кон ЕУ, кон подобар живот и слободно утре. Ние знаеме како тоа да го овозможиме. Обединети!