23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Водовод со реакција до Арсовска: Изминатите 4 години обновени се 66,3 километри од водоводната мрежа

Од ЈП Водовод и канализација упатија реакција по пресот на Данела Арсовска, кандидатка за градоначалник на Град Скопје.

„Сакаме за посочиме дека ЈП Водовод и канализација – Скопје одржува водоводна мрежа во должина од 1.300 км.

Дефекти се случувале во минатото, се случуваат денес, но ќе се случуваат и во инднина, имајќи ја предвид природата на работата на претпријатието, без оглед на тоа кој бил, е или ќе биде градоначалник на Град Скопје.

Имено, ЈП Водовод и канализација – Скопје во изминатите 4 години изврши реконструкција и обнова на водоводната мрежа во должина од 66,3 км, за што се вложени 445 милиони денари, на територија на град Скопје.

ЈП Водовод и канализација – Скопје е најтранспарентното јавно претрпијатие, кое го започна најголемиот еколошки капитален проект за изградба на пречистителната станица за отпадни води – Скопје во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбеди од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со потпишување на договорите во декември 2019 година, со овие меѓународни финансиски институции.

Пречистителна станица Скопје е една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животна средина во земјава, која трајно ќе го реши третманот на отпадните води во градот Скопје и ќе има големо влијание врз заштитата на животната средина, исполнувајќи 90 отсто од Зелената агенда на ЕУ“, се наведува во реакцијата на јавното претпријатие.

Во неа се додава дека во овој период од 4 години, ЈП Водовод и канализација – Скопје успешно спровело и два проекта за намалување на загубите на вода од системот.

„Едниот од нив во 2018 година во соработка со израелската компанијата ‘Јутилис’ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на скриени дефекти, невидливи за голо око. Беа откриени, а подоцна и санирани од страна на службите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, над 300 дефекти невидливи за голо око.

Вториот во текот на 2020/2021 кој се спроведе во соработка со Водовод – Будимпешта и чија реализација беше комплетно финансиски покриена со средства од добиениот грант од WBGC – Western Balkan Green Center. Овој проект се спроведе на територија на Трнодол и Жданец, каде се создаде затворен кружен систем за детектирање на загубите на вода, со специјализирана опрема и мерачи. Сите скриени дефекти, детектирани во овој период, се успешно санирани“, стои во реакцијата во која се додава и дека освен инвестициите во делот на водоводната мрежа во овој период, во согласност со потребите и плановите за работа инвестирано е и во опрема, механизација, дигитализација и во унапредување на процесите за контрола на квалитетот на водата.