Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов заедно со кандидатот за Градоначалник на Општина Шуто Оризари Ферат Асан вечерва одржаа маалски средби со граѓаните од оваа општина. Тие беа придружувани од носителите на кандидатските советнички листи за Скопје, Софија Пејкова и за Шуто Оризари, Нежиме Саитова.
– Ја реконструиравме улицата Индира Ганди во должина од 1900 метри од раскрсницата со булеварите Босна и Херцеговина и Словенија до раскрсницата со ул. Нов Живот, а во моментов се реконструира и третата фаза од истата улица во должина од 800 метри со целосно нова атмосферска канализација, истакна Шилегов.
– Во рамките на програмата за одржување на сообраќајници на ЈП Улици и патишта преку меѓуопштинска соработка реконструирани се и делови од улиците Рељо Шесто крило, Кипарска, Брегалничка, Демирхисарска, Вашингтонска, Карабуница, Злетовска и други, додаде Шилегов.
– Инвестиравме во подобрување на водоводната и канализационата мрежа во висина од 13,5 милиони денари. Реализиравме партерно уредување, зазеленување и поставување на урбана опрема во дворот на училиштето Шаип Јусуф и асфалтирање на спортското игралиште во висина од 6,5 милиони денари, нагласи Шилегов.
– Денес го презентиравме новиот Забавен парк во Скопје кој ќе биде завршен за година ипол од сега. Во радиус од 300 километри нема да има таков. Забавниот парк ќе се наоѓа на истото место како стариот Луна Парк. Предвидени се 27 реквизити, односно содржини, за три различни возрасти. Креираме нови работни места, ја помагаме локалната економија. Проектот е целосно самоодржлив, за реализација на овој проект се бара изведувач кој ќе го финансира и нема да има буџетски импликации на град Скопје. Се очекува паркот да се исплати сам за три години, а потоа градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти, најави Шилегов.
– Заради буџетските рестрикции во услови на пандемија проектот за Културен центар во Шуто Оризари беше одложен, но ќе биде повторно вратен во програмите за проектирање и изведба на објекти на Град Скопје. Шуто Оризари е општината со најбогата и најшаренолика автентична култура во целиот град и нејзините уметници, особено музичките, заслужуваат шанса да творат во институција со сите услови, продолжи Шилегов.
– Пред некој ден презентиравме план за финансиска поддршка за младите со кој ги мотивираме да останат да живеат во Скопје. Со овој план го субвенционираме згрижувањето на децата во градинките преку покривање на до 50% од месечниот трошок. Сите ученици од основните училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк. Со тоа родителите заштедуваат до 200 евра годишно во семејниот буџет. За секој средношколец од јавните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Обезбедуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, додаде Шилегов.
– За нас секој човек е важен, секоја општина е важна. Продолжуваме да работиме заедно со граѓаните на секоја општина, на секое населено место, граѓаните од секоја етничка заедница., посочи Шилегов на крајот од неговото обраќање во Шуто Оризари.