25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Кондовски најави формирање на jавно претпријатие за туризам во Битола

Формирање на Јавно претпријатие за туризам со цел развој на туризмот во општина Битола, вечерва во дебатна емисија на ТВ Телма посветена на локалните избори најави кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на Битола, Христо Кондовски.
„Во ова јавно претпријатие за туризам покрај луѓе од општината, покрај советниците, ќе бидат вклучени и луѓе од еснафот, од туристичките агенции и од угостителските објекти. Целта на ова претпријатие ќе биде да ги задржиме туристите на повеќе од еден ден во Битола. Секаде каде бев меѓу граѓаните, меѓу тие целни групи, сите го потенцираа истото. Значи тоа јавно претпријатие егзактно ќе се бави со таа проблематика. Ќе биде лоцирано во близина на спортската сала и тој проект ќе го промовирам во наредните денови“, рече Кондовски.
Во функција на туристички развој е и проектот за модернизација на Скијачкиот центар Ниже Поле кој веќе го промовиравме пред битолчани, рече Кондовски. „Во рамите на тој проект ќе се набави опрема за заснежување и правење вештачки снег, буквално велам дека во Битола во зима ќе се скија и кога нема снег. Со тоа ќе ги привлечеме туристите.“-рече тој.
Посочи дека туристи ќе привлекува и Зоолошката градина во Битола, за која веќе е промовиран проект за нејзина модернизација и проширување.
Исто така, додаде дека во стратегијата за развој на туризмот важно место имаат потпелистерските села, меѓу кои и селото Дихово кое e прогласено за една од најдобрите 50 скриени локации во Европа, според реномираниот туристички водич Lonely Planet.
„Бев во потпелистерието, ги слушнав нивните проблеми. За селата се влезени во програмата разни проекти, за мотивирање на туризам повеќе од еден ден. Тоа е предвидено за целото потпелистерие. Во таа поширока рамка за туризам ќе се направат и патеки, ќе има бесплатен превоз во недела, за млади и пензионери, сето тоа за да се развива туризмот. Исто така, најавувам решавање на ДУП-от во потпелистерието што ќе даде основна поддршка и ослободување на потенцијалот и на селото Дихово и на целото потпелистерие. Сето ова ќе го реализираме со цел потпелистерието да биде успешна туристичка приказна и зима и во лето.“-рече Кондовски.