Дебар Маало добива зелени и инфраструктурни проекти, Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата од игралиштето Дрвен најави бројни инвестиции во населбата. Герасимовски живее во Дебар Маало и пред своите соседи рече дека го живее секојдневието во населбата и оттука ги знае сите проблеми и потреби на граѓаните. Грижејќи се за најмладите рече тој го реконструирале детското игралиште „Дрвен“, а ќе се реконструираат нови детски игралишта и нови зеленила. Герасимовски зборуваше и за сообраќајот и недостатокот на паркинг места.
„Она што беше многу потребно за безбедноста и движењето на возилата и пешаците, започнавме да го реализираме. Ја реконструираме улицата „Орце Николов“ која станува целосно резидентна ослободена за велосипеди и пешаци и станува „smart zonе“, а на местото на ПУИК, по ваше барање, ќе поставиме нов парк и монтажен паркинг со 296 паркинг места“, рече Герасимовски во Дебар Маало.
Пешачка зона со резидентен паркинг станува и ул „Мирослав Крлежа“, а „Боемска 2“ ќе добие нов сообраќаен режим за слободно пешачење во вечерните часови, најави Герасимовски. Тој најави и реконструкции на улиците „Црвена вода“, „Дебарца“, „Партизанска“, „Алберт Ајнштајн“ и „Донбас“.
Герасимовски пред граѓаните рече дека тој и советничката листа имаат знаење и желба да направат поубав Центар. Тој потенцираше дека верува дека неговите сограѓани ќе донесат правилна одлука за поубав и современ Центар.