8.8 C
Скопје
23. септември 2021
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Бизнис

НБРМ: Основната каматна стапка останува на нивото од 1,25 процент

На вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Според информации од НБРМ, на седницата било оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што било одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25%, со што се задржува олабавениот карактер на монетарната политика. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, велат од НБРМ, придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата било оценето дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна, при што било одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

„Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика не покажува позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. По постојаниот годишен пад во претходните четири квартали, што е поврзано со појавата на пандемијата од ковид-19, бруто домашниот производ во вториот квартал од 2021 година забележа реален раст од 13,1% на годишна основа. Растот на БДП во вториот квартал во целост произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозот, што е во согласност со очекувањата“, соопштија од НБРМ.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ август, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,7%. Во овој период, позначителен раст се забележува кај цените на маслото и цените на нафтените деривати, предизвикан од движењата на светските берзи, а дополнително влијание имаа и зголемувањата од административна и регулаторна природа, како и повисоките цени во рестораните и хотелите, што делумно е поврзано и со мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, при што и натаму е нагласена неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период.

Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона, додаваат од таму.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута и натаму е на релативно стабилно и високо ниво. Показателите за остварувањата на девизниот пазар упатуваат на натамошно нормализирање на понудата на девизи од менувачниците и физичките лица на преткризните нивоа. Овие пазарни движења, придружени со солидната девизна ликвидност на банките во август, придонесоа за зголемување на понудата на девизи и следствено, за интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи од банкарскиот систем, во износ од 30,7 милиони евра.

На седницата на Комитетот е заклучено дека засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и понатаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.

Можеби ќе ве интересира

НБРМ: Финансискиот сектор добро се справува со ризиците од корона-кризата

M T

Позитивни оцени за Народната банка во најновиот Извештај на Европската комисија

CENTAR MKD