22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: СДСМ со коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ оди на победа на локалните избори!

Прес-конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ:

Во името на целата коалиција сакам со задоволство да објавам дека СДСМ заедно со уште 20 партии денеска потпиша договор за заеднички настап на локалните избори.

Ова е коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, фаворит и победник на локалните избори.

Има симболика во денешниот настан. На државотворни партии им приличи да склучат коалициски договор токму на Денот на независноста, денот во кој што одбележуваме 30 години сувереност и државност.

Принципите зад коишто заеднички застануваме на овие локални избори се препознатлив печат на нашето делување.

Работа во интерес на граѓаните, на општините и државата, за напредок и развој на секој наш град, на секое село, на секое населено место.

Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ на претстојните локални избори ќе има широка кадровска понуда и принципиелна соработка, во првиот и вториот изборен круг.

Во духот на високите демократски стандарди и принципи за коалициска доверба и партнерство кои заеднички ги прифативме и согласно определбите на помалите наши партнери за факторизација пред своите гласачи, дефиниравме соработка на повеќе нивоа.

Заеднички застануваме зад заеднички советнички листи но и зад 69 градоначлници.

Вредносниот граѓански концепт на „Едно општество за сите“ значи продолжување на успешната коалициска соработка со партнерите ДУИ, БЕСА и ДПА на локалните избори. Секако преку изградени критериуми за взаемна поддршка на кандидатите со најдобра програма и најголема доверба кај граѓаните.

СДСМ е прогресивна и модерна политичка партија која своите партнерства ги гради на идеолошки заложби и програмски концепти, а не со меници и притисоци својствени за едно друго режимско време. Ме радува што нашите партнери ги делат истите вредности.

Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ вака поставена е гарант дека ќе продолжи развојот на општините и регионите, гарант дека ќе продолжи напредокот на државата.

Не само затоа што позади нас се сериозни резултати, не само затоа што анкетите тоа го потврдуваат туку затоа што имаме знаење, имаме мотивација, имаме волја, план и програма за решавање на проблемите на граѓаните.

Затоа што искрено вложуваме во нашата цврста определба дека сите граѓани се еднакви без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Затоа што цврсто веруваме дека владеењето на правото, почитувањето на човековите слободи и права, економскиот прогрес, меѓуетничкиот соживот и толеранција, се столбовите на кои почива модерната македонска држава.

Почитувани,

Четири години работите се менуваат на подобро, како на централно, така и на локално ниво.

Наследивме општини заглавени во долгови, без визија за иден развој, но веднаш започнавме да работиме на севкупна нивна позитивна трансформација.

Директно од буџетот насочивме 50 милиони евра, помогнавме на сите општини да се раздолжат. Обезбедивме и дополнителни 500 милиони евра за нови проекти на локално ниво.

Само преку ТАВ програмата насочивме нови 35 милиони евра за 94 проекти во општините ширум државата. Преку Светска банка и ЕИ-банка, обезбедивме и нови 70 + 100 милиони евра за локални улици, патишта, водоводи, канализации, прочистителни станици.

Проектот за поддршка и развој на туризмот 25 милиони евра е во завршна фаза. Директни буџетски капитални програми за локални, општински проекти 100 милиони евра. Плус градинки, плус училишта, плус библиотеки, театри, домови на култура, општински згради.

Никогаш досега не се инвестирале толку многу средства во општините, рамномерно кон сите општини со грижа за секој регион, секоја општина и секој граѓанин.

Наместо во барок, во споменици и палми, вложуваме во училишта, градинки, патишта, здравствени установи и социјални згради. Сето она што значи унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

Реализиравме над 7.000 проекти во сите општини, проекти кои го менуваат животот на подобро во секое населено место.

За само 4 години изградивме: 60 градинки, 80 училишта, 60 објекти за полицијата, 34 здравствени установи, 20 домови на култура, театри и општински згради.

Тоа го носи најдоброто и граѓаните тоа многу добро го знаат.

На централно ниво, направивме крупен исчекор во меѓународните односи но и во економските текови.

Станавме 30 земја членка на НАТО и почитуван партнер со демократскиот сојуз. Имаме одлука од Европскиот совет за почеток на преговорите со ЕУ. Пријатели сме со сите соседи и со целот свет.

На економски план со вистински економски политики и покрај последиците од светската пандемија со „Ковид-19“ бележиме историски позитивни резултати.

Рекорден раст на платите, рекорден пад на невработеноста, раст на странските инвестиии, отворање нови работни места и извонреден раст на бруто домашниот производ.

Со нас граѓаните се на чисто. Нашата понуда не е „мачка во вреќа“ туку реалност, која говори за „најдоброто“ сама по себе.

Знаеме и сигурни сме дека граѓаните ова го препознаваат. Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ оди на уште една убедлива победа на локалните избори.

Граѓаните ќе изберат иднина и развој наместо блокади, кавги и враќање назад.