Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Кралството Данска Јепе Кофод, во рамки на официјалната посета на земјата. На средбата се разговараше за актуелниот статус на нашето европско досие и можностите за надминување на препреките за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Беше истакната важноста од континуирано спроведување на реформскиот процес за европеизација на општеството, со фокус на областите од првиот кластер “Темели”.
Вицепремиерот Димитров нагласи дека досието на Северна Македонија е одлучувачко за одржување на динамиката во процесот на проширување и кредибилитетот на ЕУ во регионот.
„Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ е прашање кое тежи и на страната на Унијата бидејќи претставува тест за валидација на европската перспектива на регионот, а има одраз и врз цврстината на постулатите на Унијата како заедница на вредности. Придвижувањето на евроинтегративниот процес врз основа на објективно вреднување на копенхашките критериуми ќе внесе нова енергија и доверба за зајакнување на европската идеја за обединување, што е неопходно и во контекст на внатрешните процеси што се одвиваат во рамки на Унијата“, рече Димитров.
Од данска страна беше јасно изразено уверување дека европската перспектива на Северна Македонија мора доследно да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ, а со оглед на постигнатите резултати во спроведувањето на европската агенда и ја реафирмираше поддршката за официјално отпочнување на процесот со одржување на првата меѓувладина конференција. Кофод го потенцираше прогресот на земјава и честиташе за покажаното лидерство при решавањето на прашањата важни и за регионот, но и за Европа.
Димитров и Кофод разговараа и за модалитетите за зајакнување на билатералната соработка во контекст на поддршка во процесот на приближување кон европските вредности и стандарди во клучните области како што е владеењето на правото, со конкретни проекти и експертска помош.