Зајакнување и унапредување на економската соработка помеѓу Северна Македонија и Грција, при што двете страни ќе работат на зголемување на трговската размена, зголемување на инвестициите, како и потпишување договори што ќе ги подобрат позициите на фирмите, беа темите на кои се дискутира на средбата помеѓу вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, со заменик-министерот за економска дипломатија на Грција, Костас Фрагогијанис, која се одржа денеска во Скопје.
На средбата беше истакнато дека во услови на пандемија клучно е зголемување на економската соработка со соседните земји, како и преземање заеднички чекори, што ќе имаат влијние врз создавање услови за забрзан раст на економијата. Соработката и пријателството меѓу двете земји се зајакнуваат. Се работи на проекти што се од капитална вредност за двете држави, кои ќе донесат квалитет на животот за нашите граѓани што го заслужуваат.
Инаку, трговската размена со Грција годинава бележи раст од 25,4 проценти во однос на минатата година. Годинава, во периодот од јануари до јуни трговската размена достигна речиси 400 милиони евра, а странските директни инвестиции од 2017 година до сега изнесуваат 89,6 милиони евра.
На средбата се дискутира и за тековните и идните проекти. Како еден од позначајните проекти беше истакнат проектот за изградба на интерконективниот гасовод од Неготино до границата со Грција, инвестиција што чини 58 милиони евра.
Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој изразија интерес за доделување заеми со државна гаранција за финансирање на овој проект. Одборот на директори на Европската инвестициска банка во јули 2021 година одобри финансиски средства во износ од 29 милиони евра за реализација на овој проект. Од ВБИФ се добиени грант-средства за инвестиции во износ од 9,9 милиони евра, кои ќе бидат наменети за финансирање на градежните работи, и грант-средства во износ од 2,7 милиона евра ќе бидат наменети за техничка помош при имплементација на проектот (надзор, управување со проектот), подобрување на комуникацијата и видливоста на проектот, како и за евалуација и ревизија на проектот. Европската банка за обнова и развој прифати да додели заем од приближно 19 милиони евра за затворање на финансиската конструкција.