Премиерот на Албанија Еди Рама во воведното обраќање на Економскиот форум во Скопје порача дека „нема зошто да останеме затворени во нашите граници, свртени грб со грб еден кон друг и дека она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот“.
Нагласувајќи дека за Албанија иницијативата за регионална соработка е стратешка и ќе продолжи кон заеднички поставените цели, Рама запраша „зошто ние да сме завртени грб со грб додека земјите на ЕУ си имаат свој ритам, свое движење?“.
Тој нагласи дела лидерите и народите од регионот одлучија да направат се што е потребно за да не се чека интегрирањето на регионот да зависи од ЕУ.
Според Рама денешниот ден има уште една димензија на големина и значење и заради огромното присуство на деловните луѓе не само од Албанија и Србија, Северна Македонија, туку и од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Грција и од повеќе други земји.
Тој ја нарече оваа иницијатива за Албанија стратешка и потенцираше дека токму тој мозаик силно говори за вредноста на оваа иницијатива и за тоа колку на луѓето од бизнисот оваа иницијатива им е потребна, и дека заедничкиот регионален економски простор може многу повеќе да постигне отколку што тоа можат земјите сами и одделно да го направат.
Порача дека на иницијативата треба да се приклучат и други земји од регионот и да дадат максимум за овој процес и за доброто на своите граѓани.
Албанскиот премиер додаде дека иницијативата има за цел заживување на четирите основни слободи на Европската Унија.