Со консензус е донесена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО – природното и културното наследство на нашиот, светскиот Охридски Регион нема да биде впишано на листата на светско наследство во опасност, соопшти премиерот Зоран Заев вечерва. Интегрлано го пренсуваме неговото излагање на социјалните мрежи:
Ова е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство.
Во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока.
Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото.