Премиерот Зоран Заев во обраќање на конференцијата на „Економист“ во Атина ја истакна важноста на регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно. Премиерот ги истакна можностите што нашата земја ги нуди за инвестиции, а се задржа и на договорот што денеска ќе се потпише меѓу двете земји за интерконекторот за природен гас.
„Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. 54 милиони евра се на Северна Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност, не само за Северна Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас“, истакна Заев и потенцираше дека нашата земја „станува енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа“.
На панел-сесијата се обратија и премиерот на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, поранешната еврокомесарка за вработување и социјални прашања, Ана Диамантопулу, Џорџ Катруглос, поранешен министер за надворешни работи, како и Ринс Прибус, претседател на „Мајкл бест стратеџис“.
Премиерот Заев во своето излагање сподели неколку пораки за проекти кои Северна Македонија во соработка со земјите од регионот, Европската Унија, САД и со сите пријателски земји ги реализира за економска стабилност и просперитет.
Северна Македонија, но и другите земји од регионот ја следат европската агенда, како околу климатските промени, така и во однос на зелената енергија и изрази задоволство за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во висина од девет милијарди евра.
„Сега се обидуваме да отвориме нови зелени коридори со нашите соседни земји и многу сум среќен бидејќи Грција е првата земја што ги отвори овие зелени линии со нас, како земја членка на Европската Унија, бидејќи ние сме опколени од земји членки на ЕУ. Ние сме како остров во средина. И многу сум благодарен што премиерот Мицотакис го направи првиот чекор да го отвори првиот грчки коридор и да ги охрабри другите земји членки да го следат неговиот пример, примерот на Грција“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев истакна дека закрепнувањето на Северна Македонија, но и генерално на Западен Балкан, овој период е видливо, говорејќи за економијата и за инвестициите, и додаде дека „конечно се враќаме на позитивни стапки на раст“.
Претседателот на Владата Заев се задржа и на инвестициите во регионот и во нашата земја, додавајќи дека се развиваат алатки за привлекување инвестиции, особено за време на пандемијата и ги претстави условите за инвестиции во Северна Македонија.