23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пораки од форумот: Преспанскиот договор ги дава резултатите, време е Брисел да испорача

Договорот од Преспа е пример за тоа како треба да се решаваат конфликтите и проблемите, порачаа голем број европски дипломати и државници од регионот на „Преспа форум дијалог“, кој во најголем дел измина во дискусии околу европерспективата на земјите од Западен Балкан. Високите претставници на американската дипломатија, но и поранешни челници во Брисел истакнаа дека е голем пропуст што Северна Македонија и Албанија се соочија нова пречка за започнувањето на преговорите за членство, додавајќи дека единствено Унијата го губи кредибилитетот од ваквата ситуација.

Премиерот Зоран Заев нагласи членството во ЕУ останува значаен стратешки интерес, но најави и продлабочување на соработката со стратешкиот партнер – САД. Тој вели дека Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди и дека земјата посветено работи со добра волја на имплементација на договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но, како што рече, има некои прашања за кои не може да се преговара.

-За Западен Балкан, од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер, истакна Заев на заедничката прес-конференција со помошникот државен секретар за Европа во Стејт департментот, Филип Рикер.

Рикер побара неодложно отпочнување на преговорите и кажа дека САД ги препознава спроведените реформи во Македонија.

– На сите билатерални состаноци што ги водевме тука во Охрид заедно со колегата Палмер ја поздравивме препораката од март минатата година ЕУ да отпочне преговори за пристапување на Македонија и на Албанија, како признание за спроведените реформи. Пристапувањето на Македонија во ЕУ ќе ја зголеми регионалната, но и стабилноста во Европа, како и економските врски во рамки на трансатлантското партнерство. Тоа беше и елемент и на надворешната политика на САД години наназад. Последните одлуки што ги блокираа интегративните процеси на Македонија го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот и во меѓународни рамки. Тоа испраќа погрешен сигнал, заклучи Рикер.

Важноста од добрите односи меѓу Брисел и Вашингтон, особено во делот на надворешната политика ги нагласи и претседателот Стево Пендаровски, по средбата на маргините на Самитот со словенечкиот колега Борут Пахор, кој пак од своја страна му вети дека наредната недела ќе замине во Софија да лобира за изнаоѓање решение и конечно отпочнување на преговорите за членство.

-Нема да видиме синергија меѓу двата дела на трансатлантската заедница којашто е толку важна за нас, како во 90-те години. Тоа значи дека поголемиот дел од одговорноста ќе остане на рамењата на регионалните политички лидери. Познато е дека т.н. триаголник на успех за секој пробив во позитивна насока на Западниот Балкан секогаш бил Брисел-Вашингтон и регионалните главни градови, рече претседателот Пендаровски.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров порача дека сега е време оние големи зборови што ги доби Преспанскиот договор, како инспирација за регионот, како голем успех за Европа, како триумф на дипломатијата да се преточат во конкретни чекори.

– Не само за нашите две држави, туку и на целиот регион дали вреди да се инвестира политички капитал, кога се потпирате на европските ветувања. Многу често слушаме: вие испорачајте, ние ќе испорачаме. Ние испорачавме, одговорноста е сега ЕУ да испорача без разлика што тоа е сложен организам од 27 земји-членки, меѓутоа мора да најде начин да испорача бидејќи е опасно кога зборовите ќе останат празни, рече Димитров.

На Самитот учествуваа и главните европски протагонисти кои го потпомогнаа потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот еврокомесар Јоханес Хан изјави дека непочнувањето на пристапни преговори со Македонија и со Албанија е јасен неуспех на Европската Унија.

–Европската комисија донесе многу извештаи дека овие земји испорачаа резултати и отсекогаш велевме откако тие ќе испорачаат, мораме и ние да испорачаме резултати, а ние тоа не го направивме досега, рече Хан.

Со сличен став е и поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

– Договорот од Преспа покажа дека ниту еден проблем не е нерешлив, за секое прашање има решение, за тоа се бара лидерство, храброст, решителност и почит, што е потребно во голема мера во овие времиења и да се гледа напред и да се вложува повеќе за начинот, на кој можете да обезбедите одржлив пат за вашиот народ. Договорите се секогаш тешки, но можни, рече Могерини.

Таа нагласи дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти не станува збор за процес на проширување, туку пред се за процес на обединување на Европа.

Џорџ Робертсон, поранешниот генерален секретар на НАТО, истакна дека Заев и Ципрас демонстрирале огромна политичка храброст донесувајќи одлука што ќе ги отвори вратите на НАТО и ја придвижи државата кон европските текови.

-Европското членство е на дофат, тоа ќе се случи, рече Робертсон.

Ставот на Бугарија, пак, наведува Ципрас во интервју за ТВ 24, навистина беше непријатно изненадување и за мене, бидејќи првите чекори од напорот заедно со Зоран Заев, пред да го потпишеме Договорот од Преспа, тој период Бугарија не беше негативна. Напротив, беше охрабрувачка.

-Го разбирам разочарувањето што може да го чувствуваат граѓаните на Северна Македонија додека гледаат дека еден договор што бараше промена на Уставот, промена на уставното име и по жртвите што ги направија граѓаните геладат дека европската перспектива останува заматена. Верувам дека треба наредниот период Бугарија да го вложи секој напор за да не претставува дел од проблемот, туку дел од решението. Ќе треба да го вложи секој напор, така што ќе се најде излез и да не настојува на алтернатива без илез-вето. Европското семејство продолжува напред со согласност, а не преку негации и вето. Верувам дека ЕУ во целот треба да ја охрабри Бугарија да следи правилен пат, заклучи Ципрас.