Државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Пола Закаријас, изрази надеж дека изборите во јули во Бугарија ќе донесат решение за ветото на оваа држава за започнување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија, објави бугарската новинска агенција „Бгнес“.
Закаријас, чија земја ќе го предаде ротирачкото претседателство со ЕУ на Словенија на 1 јули, очекува дека како земја од истиот регион, Словенија ќе помогне да се најде решение за проблемот, но истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува за да нема несогласувања во ЕУ.
„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ што ќе им помогне да работат заедно, и Бугарија да има гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји. Во Бугарија има избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“, рече таа пред новинарите во Лисабон.
Закаријас рече дека членките на Унијата морале да ја почитуваат бугарската позиција и дека тоа и го сториле.
„Важно е да не се воведат несогласувања и проблеми во ЕУ меѓу две земји. Ние сакаме тие да бидат решени пред некоја земја да влезе во Европската Унија“, рече Закаријас.