22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Николовски, Спасовски и Маричиќ: Со усвојувањето на „Регионалниот Патоказ за борба против корупцијата и нелегални финансии“ одиме чекор напред во борбата против корупцијата, со силна поддршка, вклученост и максимална регионална соработка

Денеска во Охрид, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Бојан Маричиќ, заедно со делегациите на антикорупциски органи од регионот, го усвоија Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансиски текови за Западен Балкан којшто беше одобрен на техничко ниво од експертите на 23 јуни годинава.

Овој Патоказ ќе се фокусира на неколку клучни области како што се јавните набавки, системите за обелоденување на имот, приходи и камати и создавањето на специјализирана оперативна мрежа на обвинители за корупција и економски криминал, агенциите за спроведување на законот и единиците за финансиско разузнавање во регионот. Оваа мрежа ќе се фокусира на проактивно таргетирање на типологиите на криминал како што се кривичните дела за корупција, криумчарење пари, перење пари преку секторот за недвижнини, корупција во спорт.

Вицепремиерот Николовски во своето обраќање посочи дека усвојувањето на овој Патоказ е важно за ефикасно и практично спроведување на постојните препораки и приоритети за борба против корупцијата и нелегалните финансии во Западен Балкан.

„Ова е значаен чекор напред во борбата против корупцијата, којашто бара силна поддршка, вклученост и максимална регионална соработка. Патоказот ги вклучува и разработува препораките содржани во извештаите на Европската комисија и ЕУ Директивите, со посебен акцент на перењето пари, поврат/конфискација на имот и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Токму борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети и во владината рамка „Акција 21 – Европски стандарди дома“, што е резултат на нашата силна определба и решителност за систем кој генерира и испорачува правда, правна држава, ред и поредок“, изјави вицепремиерот Николовски.

Министерот за внатрешни работи, Спасовски посочи дека седум години по Берлинскиот процес како платформа за соработка, Западен Балкан е на чекор поблиску до европската интеграција, остварувајќи реален прогрес во реформскиот процес, решавајќи дури и некои долгогодишни билатерали отворени прашања, каков што е случајот на Република Северна Македонија.

„Борбата против корупцијата и нелегалното финансирање опфаќа широк спектар на области на дејствување и повеќе засегнати страни на национално, регионално и на меѓународно ниво. Координирањето на ангажманот во сите овие области и на сите овие засегнати страни би било обемно и нецелисходно, но еден насочен пристап, со утврдени заеднички приоритети, при што нивната реализација ќе се одвива постепено, е нешто што би било поефективно и реално изводливо. Токму овој пристап и го усвојуваме со документот кој што денеска ќе го одобриме, испорачувајќи Регионален патоказ, кој се фокусира на подобрување на имплементирањето на постојните мерки за борба против корупција и нелегално финансирање“, истакна министерот Спасовски.

Министерот за правда Маричиќ, во своето обраќање потенцираше дека континуирано се работи на меѓуинституционалната соработка, во насока градење на функционален систем за борба против корупција и криминал.

„Континуирано работиме на зајакнување на меѓуинституционалната соработка, преку обезбедување соодветни платформи за размена на податоци, размена на искуства и интензивирање на меѓународната соработка во борбата против корупцијата, преку активно учество во процесите и активностите на меѓународните организации и иницијативи. Градиме функционален систем за борба против корупцијата кој ги опфаќа сите државни институции почнувајќи од Министерството за правда, Државната комисија за спречување корупција, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, па сѐ до Управата за финансиско разузнавање. Мора да градиме систем во кој ќе има ред и дисциплина, систем во кој институциите се функционални, а службите ефикасни“, изјави министерот Маричиќ.

„Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии“, е усвоен во рамки на регионалниот форум организиран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) во партнерство со Секретаријатот на Регионалната иницијатива за борба против корупција (РАИ) и во соработка со Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за внатрешни работи и Кабинетот на заменик-претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, човечки ресурси и одржлив развој.

Можеби ќе ве интересира

СДСМ: Членови на ВМРО-ДПМНЕ осомничени дека учествувале во нелегално финансирање партија, истрагата треба да ги даде сите одговори

M T

Николовски, Спасовски и Маричиќ: Со усвојувањето на „Регионалниот Патоказ за борба против корупцијата и нелегални финансии“ одиме чекор напред во борбата против корупцијата, со силна поддршка, вклученост и максимална регионална соработка

M T