Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на денешната седница во Парламентот, посветена на пратенички прашања, констатираше дека паметните, европски политики на Владата ги отворија перспективите на народот и на државата и повика на воздржување од квази-патриотски и квази-националистички реторики, поради кои, како што рече премиерот Заев „земјава 30 години тапкаше во место, додека светот одеше напред“.
„Денес, Македонците се Македонци за целиот свет. До пред Преспанскиот договор беа Македонци за дома, а за светот бевме ФИРОМ и Фиромци. Во Преспа е впишано македонски, македонски јазик, македонски народ, македонско, Македонци – и нема дилема. Порано, нашата репрезентација настапуваше под ФИРОМ и стоеше на екраните ФИРОМ – сега стои МКД и стои Северна Македонија, не ФИРОМ. Сето тоа ги отвори портите на иднината, на генерациите на кои треба да им оставиме нешто подобро од тоа што на нас нашите родители ни оставиле“, порача премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, посочи на поддршката што ја има нашата држава од демократскиот свет во интегративните процеси, а го коментираше и прашањето околу евро перспективите.
„Денес ја имаме поддршката од целиот демократски свет, како никогаш порано. Направен е огромен респект кон целиот наш народ и кон нашата држава. Проблемите со Бугарија се отворија заради тоа што тие имаа внатрешни проблеми, кои се струполија врз Северна Македонија, соодветните провокации од бугарска страна и од македонската страна исто така создадоа атмосфера денес една земја членка, која е наш прв сосед, Бугарија, да стави два пати вето на нашето членство во ЕУ. Но, нема ниту една замерка на нашите реформи, коишто се 100-проценти потврдени во сите извештаи на ЕУ. Пример сме за европско однесување.
Не започнавме преговори со ЕУ, затоа што, според мене, Бугарија нема Парламент и нема политичка Влада. Дефинитивно верувам дека во идниот период, со политичка Влада и со конституиран Парламент во Бугарија, можеме да продолжиме. Но, нема ниту една причина која е фокусирана на Република Северна Македонија, меѓу причините за неодржување на првата меѓувладина конференција.
Лани во март добивме консензуална одлука од 27 земји членки, за почеток на преговорите. Следниот чекор е усвојување на преговарачка рамка и закажување на првата меѓувладина конференција“, рече премиерот Заев.
Тој ја објасни целосно суштината на разговорите со Бугарија, базирана на португалскиот предлог, доставен, како што рече и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту оваа Влада, ниту која било идна влада, не смее да разговара за македонскиот јазик и идентитет и тоа е впрочем потврдено. Во Бугарија разговаравме за патоказ, кој стои како предлог во португалското решение на проблемот, каде една од обврските е Северна Македонија да достави патоказ до Бугарија. Во тој патоказ се опишани сите области на соработка, со конкретни датуми за реализација и одговорни институции. Тоа се придобивки и за македонскиот и за бугарскиот народ. Со тоа се гарантира интензитетот и поголемиот фокус на изградба на инфраструктура: патна и железничка, отворање гранични премини, подобра соработка помеѓу институциите. Вториот дел на кој се осврнува патоказот е интензитетот на состанување на историско-образовната комисија. На едно место каде се спомнува македонскиот јазик, јасно и отворено стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признати јазици. Нашиот јазик е сличен и со српскиот и со хрватскиот и со црногорскиот и со бошњачкиот и со бугарскиот или со многу други јазици, кои се од јужнословенската група на јазици, но се различни и се меѓународно признати. Во предлогот на португалското претседателство стои чисто дека во преговарачката рамка, преводот на акито ќе биде на македонски јазик. Имало земји кај кои пишувало „на официјалниот јазик“, „на службениот јазик“ или сл. Имаме такви земји и од соседството. Нашата борба беше да има чист „македонски јазик“. И тоа стои во преговарачката рамка. И ќе стои сè додека Европа е Европа, сè додека Европа води грижа за своите и за идентитетите на земјите кандидатки, затоа што тоа е нашиот идентитет. Тоа е борба за македонскиот идентитет и јазик“, рече премиерот Заев.
Тој побара од ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да каже дали е против сето ова, кога обвинуваат дека не се испорачани евро перспективите.
„Вие тоа не го помагате, зборувајќи за чиста Македонија, зборувајќи за Македонија на Македонците и слично. Кои се всушност вашите ставови, да го штитиме македонскиот јазик и македонскиот идентитет, или по која било цена да се договориме со Бугарија, за да може да станеме членка на ЕУ“, праша премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, оцени дека „радикално националистички ориентации на поединци од ВМРО-ДПМНЕ“, биле пречка на нашата држава низ вековите, низ децениите и денес.
„Провокации е лесно да создавате со соседите, кавги може да направите кога сакате и со кого сакате. Прашање е дали може да постигнете договор и дали може низ дијалог да ги решавате проблемите. Европа денес функционира со 27 земји членки, низ дијалог, низ компромиси – со меѓусебно почитување ги изнаоѓаат решенијата“, додаде премиерот Заев и посочи дека денес таков начин на однесување се препознава и во нашата држава.
„Денес ние сме членка на НАТО, 26 земји членки на ЕУ од 27 недвосмислено јасно потврдуваат дека сме одличен пример за мултиетничко, мулти религиско, функционално, демократско општество, со што Европа ги побива сите теории на нови етнички граници, или размени на територии – токму со Република Северна Македонија. И народот е токму за таквите политики, тоа се потврди и на последните парламентарни избори, а ќе се потврди сега и на следните локални избори“, заклучи премиерот Заев на собраниската седница.