23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Заев: Ние понудивме Патоказ и најмалку што заслуживме е вето

„Боли, затоа што е неправда“, вака премиерот Зоран Заев во гостувањето во емисијата „Топ тема“ ја искоментира одлуката на бугарските власти да останат на ставот за вето за одлуката за одржување на Меѓувладината конференција со Брисел. Тој истакна дека најголемиот проблем лежи во фактот што во Бугарија во моментов нема Парламент и политичка Влада, туку техничка.

-Сум покажал трпение, разбирање, дијалог, дипломатија, сочувство… Не само јас, туку и други лидери. Сепак што и да е многу е. Шеснаесет години чекаме следен чекор во евроинтеграциите. Најмалку што заслужуваме е ова. Градејќи го мултиетничкото општество, ние сме секој пат позитивниот пример. Договорите ни се европски, имаме целосна потврда за реформите што ги правиме, и ни треба нов чекор – Меѓувладината конференција. Ние сакаме членство за да имаме европски вредности дома, истакна Заев.

Тој додаде дека македонската страна на бугарските власти им понудила Патоказ на 18 страници за спроведување на Договорот за доборсоседство, што било и дел од португалскиот предлог.

-Европа не изнајде решение за оваа работа меѓу нас и Бугарија, а нашиот проблем е „никаков“. Кога дојдовме кај премиерот и претседателот во Софија ги дадовме сите детали од патоказот. Ни беше кажано дека е на линија со бугарската декларација, односно дека таму се одговорите на Декларацијата од бугарскиот парламент, а со португалскиот предлог тоа се решава со унилатерална изјава, дека за нив имаме јазик согласно Уставот на нашата држава, но во ЕУ ќе биде заведен како „македонски јазик“, рече Заев.

Премиерот кажа дека Македонците и македонскиот јазик се реалност, но корените се работа на историчарите.

-Доколку ја одржиме Меѓувладината конференција ќе им дадеме стимул на историчарите, бидејќи во моментов и секој најмал проблем изгледа како огромен, вели Заев.