Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генерал Тод Волтерс во рамките на својата прва официјална посета на Република Северна Македонија, денеска пристигна во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
Тој е еден од двајцата стратешки команданти за НАТО кој командува со операциите на сојузничката команда (ACO). Генералот Тод Волтерс ја извршува оваа функција од мај 2019 година. Воедно, тој е командант на силите на САД за Европа.
По интонирањето на химните на НАТО и Република Северна Македонија и пречекот со високи воени почести од страна на началникот на Генералштабот, генералот Волтерс, имаше средби министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со генералот Ѓурчиновски.
Посакувајќи му добредојде и благодарност за укажаната чест, министерката Шекеринска на средбата со високиот воен авторитет на Алијансата, генералот Волтерс, рече дека Северна Македонија како најнова членка на НАТО е фокусирана на обврските кои произлегуваат од членството, посветена на вредностите и принципите на Алијансата и активно придонесува во регионалната безбедност и зацврстување на единството во НАТО.
„Од земја која три децении посакуваше да стане членка на НАТО, сега сме дел од Алијансата со активен придонес во регионалната безбедност. Со стабилното зголемување на одбранбениот буџет, вложуваме во модернизација и зголемување на капацитетите на Армијата со особено внимание на транспарентноста на процесот. Северна Македонија ќе продолжи да дава свој придонес во мисиите и операциите на Алијансата, особено во силите КФОР во Косово и во мисијата во Ирак каде во тек се подготовките за упатување на контингент од Министерството и Армијата. Континуираниот долгогодишен придонес во силите ИСАФ, а потоа и во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, која согласно одлуката на НАТО е во фаза на завршување, е доказ за активната улога на Армијата на Северна Македонија во операциите на Алијансата“, рече министерката.
Учеството на припадниците на Армијата на Северна Македонија во НАТО мисиите во последната година, но и долги години пред членството во НАТО беше оценето како извонреден придонес во Алијансата со највисоки резултати.
„Приемот на Северна Македонија во НАТО минатата година претставува вистински регионален успех. Вашиот воен придонес кон Сојузничката команда за операции имаат витално значење за мирот и стабилноста на Западен Балкан и безбедноста на Европа“, рече генералот Волтерс на средбата со министерката Шекеринска.
На средбата се дискутираше за значењето на стратешкото поврзување на НАТО и ЕУ како процес во кој Северна Македонија како европска членка на НАТО може да придонесе, особено кога се има предвид успешното зајакнувањето на односите во одбраната со европските сојузници во последната година.
Стана збор и за важноста на развојот на „Криволак“ како национален и НАТО капацитет и успехот на најголемата НАТО вежба „Defender Europe 21“ чиј составен дел беше вежбата „Одлучен удар 21“ на „Криволак“.
За време на средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Волтерс се разговараше за тековните процеси кои се одвиваат во Армијата на Република Северна Македонија со цел потполна интеграција во НАТО, како што се процесот на трансформација на командите и единиците на Армијата и нивото на постигнатите цели и способности, како и за заедничките активности во кои учествуваат припадниците на Армијата на меѓународните вежби и мировните операции предводени од НАТО.
Како дел од програмата за посетата, во касарната „Илинден“ пред високиот гостин беа изведени показни вежби од страна на припадниците на Армијата. Неколку единици ја демонстрираа обученоста во одредени активности со примена на стандардите и процедурите во операциите на НАТО.