18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Илијев на трибината „Најдоброто за нашата општина“: Две третини од општинскиот буџет на Кочани се во капитални инвестиции, не застанавме ниту за време на пандемијата

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, на трибината на СДСМ под мотото „Најдоброто за нашата општина“, се осврна на реазлизираните проекти во изминатите 3,5 години, нагласувајќи дека и во време на пандемија во општината, не запре ниту еден капитален проект.

Направивме многу, реализиравме огромен број проекти и во градот и во селата, го подобривме квалитетот на живот во сите населени места во општина Кочани, го развиваме туризмот, рече Илијев, додавајќи дека покрај инвестициите поттик за туризмот дава прогласувањето на Осогово за заштитено подрачје од 5-та категорија и најавената изградба на ски-центарот Царев врв, кој ќе биде меѓу петте најдобри на Балканот.

Прв пат откако се изградени, пред 50 години, реконструирани се ски-лифтовите на Пониква, нагласи Илијев, додавајќи дека наскоро ќе заврши изградбата на планинарски дом и на велосипедски патеки во должина од 35 километри.

Тој наведе дека се изградени и реконструирани повеќе од 60 улици во градот и населените места, издвојувајќи ги локалниот пат од Кочани до Мојанци, со тротоари, осветлување на селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, а по 40 години, целосно е реконструиран патот Пониква – Кочани.

За најмладите во Кочани само во 2020 година се изградени 6 нови детски игралишта, а сите останати се реконструирани, истакна Илијев, додавајќи дека завршува изградбата на една од најмодерните детски градинки во земјата.

Училишните згради од руинирани згради ги доведовме до современи објекти со подновени училници, дидактички помагала, уредени и озеленети дворови, спортски терени во функција и на учениците и на граѓаните, рече Илијев.

Вкупниот буџет на општината секоја година се зголемува, сега е 337 милиони денари, од кои за капитални инвестиции се 220 милиони, ова е доказ како се сака и како се работи за Кочани, истакна Илијев.