„Ние ги почитуваме црвените линии, а тезите на опозицијата дека Владата ги распродавала националните интереси е чисто политикантство“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостувањето во „Само вистина“. Според него, опозицијата во моментов воопшто не придонесува за евроинтеграциите на земјава, туку напротив единствено креира блокади.
– Жал ми е што опозицијата ја пропушти шансата да даде придонес за евроинтеграциите на земјава. Верувам дека имале пристап до португалскиот предлог, но само ги преувеличуваат нештата поради политичка агенда. Ако се сеќавате, тие и пред неколку месеци овој политички балон го пумпаа, велејќи дека Владата на Заев ќе направи предавство, кажа Маричиќ.
Тој додаде дека час поскоро треба да се изнајде решение за отворените прашања со Бугарија и дека земјава до крајот на годинава треба да ја одржи првата Меѓувладина конференција со Европската унија.
– Верувам дека овие денови добро ќе бидат искористени, но да не ги креваме нереално очекувањата. Во Бугарија во моментов има техничка влада, ќе имаат избори многу скоро во првата половина на јули и во такви услови не знам дали ќе дојдеме до финален договор. Сепак, се работи на основи за договор што ќе го ефектуира почетокот на нашите преговори и од друга страна ќе ја осигура Бугарија дека ние не бегаме од отворени прашања, изјави Маричиќ.
Министерот за правда додаде дека со ваков интензитет на дипломатска офанзива ќе има договор, за до крајот на оваа година да почнат преговорите, а во рамките на тие преговори да се решат отворените прашања.