24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: Отпор кон модернизација не треба да има, онлајн судењата ќе бидат поефикасни!

„Судството нема да биде поштедено од дигитализацијата“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ, додавајќи дека дигитализацијата за жал во некои сегменти од општеството наидува на отпор, но отпор кон модернизацијата не треба да има. Министерот Маричиќ најави дека преку дигитализацијата судењата на далечина или онлајн судењата за 60% ќе ја зголемат ефикасноста и транспарентноста, а дополнително, на овој начин ќе се намалат и трошоците за граѓаните.

– Министерството за правда со директна помош на САД, ЕУ, ОБСЕ и Норвешка, целосно ќе дигитализира речиси 200 судници и 34 судови низ земјата. Тоа за граѓаните ќе значи побрзи и поевтини судски постапки што е наше големо ветување. Овој процес е во напредна фаза. Планот е направен, Владата го усвои и во наредните месеци следува практичната реализација на проектот, кој ќе биде дополнет и со промена на неколку закони, напиша Маричиќ на својот фејбук профил.

Според министерот, многу скоро странката во некои случаи нема да има потреба да оди на суд, односно од дома ќе може да ја следи и учествува во постапката, а исто така ќе се заштедат и тони хартија.

Досега единственото онлајн судење спроведено кај нас беше во Основниот суд – Кавадарци, преку електронската платформа за двонасочна комуникација Microsoft Teams, со што се овозможи судењата со сите инволвирани учесници да се одржат без нивно заедничко физичко присуство  во зградата на судот.

– На овој начин, судот и сите други учесници во постапката,  ги презедоа и обезбедија сите мерки за превенција, со обезбедување на социјалната димензија за време на воспоставената вонредна  состојба, со цел за непречено одржување на расправите и преземање дејствија  во текот на судските постапки, информираа од судот.

Правосудната фела ја поздравува намерата за одржувања онлајн рочишта, но повеќето повикаа најпрвин да се опремат судниците, но и да се направат неопходните измени во Законот за кривична постапка и Законот за парнична постапка.

-Пречка првин се процесните закони, особено во кривичните постапки, неопходно е првин нивно прилагодување. Мислам дека и судовите не располагаат со техничка опрема за спроведување на судења со употреба на интернет технологијата, изјави претходно претседателот на Здружението за судии, Џемали Саити.