Според сите анализи за присуство во медиумите, дигиталната агенда и дебата станува сè поактуелна во платформите и настапите на општествено-политичките чинители на сите нивоа, а истовремено голем број од нив сметаат дека е потребна одржлива дигитализација која ќе биде насочена исклучиво кон потребите на граѓаните и олеснувањето на животот и работните активности на секое физичко и правно лице.
Истовремено, темата за дигитална трансформација интензивно се наметна со појавувањето на пандемијата предизвикана од Ковид-19 вирусот. Пандемијата ги мотивираше сите општества да дејствуваат брзо и да се прилагодуваат на алтернативни начини на функционирање со единствена цел зачувување на здравјето на секоја индивидуа и спречување на ширење на вирусот, а истовремено зачувување на економскиот развој, егзистенција и непречено продолжување во вршењето на редовните обврски од страна на секој човек.
Но, на оваа тема постојат различни мислења, очекувања и заложби. Нешто кое во секоја здрава демократија е нормално и потребно, бидејќи само преку аргументирана и инклузивна дебата на индивидуи кои слободно го искажуваат сопствено мислење и став може да се дојде до најдобрите решенија на секоја тема, вклучувајќи ја тука и дигитализацијата.
Во насока да ја поддржиме ваквата дебата, но и да дадеме конкретен придонес во создавање на одржлива дигитална агенда од интерес на секој граѓанин и правен субјект, Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи предлага брзо усвојување на следните препораки и конкретни мерки:
1. Намалување за 90% на цената на користење на сите услуги за граѓаните како што се изводи од матично и други изводи, било какви потврди, уверенија и сите останати документи доколку се вадат дигитално и плаќаат онлајн. Намалување за 50% на овие цени за сите компании и организации, односно правни лица за ваков тип на документи доколку ги вадат дигитално и плаќаат онлајн. Предлагаме оваа мерка да трае во период од 6 или 12 месеци, а дополнително покрај поддршка на процесот на одржлива дигитализација ќе биде од голема помош за секој човек и компании во периодот на криза. Ваквата мерка може да се продолжи и за дополнителни 6 или 12 месеци со скалест пристап на намалувања.
2. Воведување на видливо поголем процент на поврат од ДДВ преку апликацијата „Мој ДДВ“ кој во следниот период ќе се исплаќа за сите граѓани кои нарачуваат и плаќаат онлајн.
Дополнително, во истиот период надлежните институции да ги мотивираат банките и нивните партнери (брендови на картички) доколку имаат интерес за поддршка на целокупниот процес преку дополнителен поврат при онлајн трансакции.
3. Во период од максимум 3 до 6 месеци да се направи забрзана дигитализација на сите услуги кои ги даваат јавните институции на локално и централно ниво, а кои сега се можни само во стандардната шалтерска и процедура со физичко присуство.
Напомена: Веднаш по воведувањето на секоја нова дигитална услуга да се примени предлогот број 1, односно 90% намалување за сите граѓани кои ќе ја користат и платат услугата онлајн и 50 % намалување за сите правни лица кои ќе ја нарачаат таа услуга дигитално.
Со брзата примена на овие предлози ќе се стимулира практична доверба во дигитализацијата и можност да се увиди нејзината конкретна корисност за секој граѓанин или правно лице, а ќе се овозможи и повеќе пари да остануваат кај граѓаните што е многу важно во услови на криза предизвикана од коронавирусот. Исто така, ваквите мерки ќе придонесат за намалување на турканиците и гужвите на шалтерите и другите економски објекти, а ќе овозможат многу повеќе слободно време за секој човек што ќе отвори и процес за подобрување на квалитетот на живот на секој граѓанин (повеќе слободно време за своето семејство, прошетки, спортување, отпочнување на дополнителни бизнис активности итн.). Истовремено, со ваквиот пристап ќе се даде алтернатива и мотивација секој да може се увери во можностите кои со себе ги нуди дигитализацијата и евентуално и во иднина (по завршувањето на овие мерки) да продолжи да ги користи јавните и други услуги по брз и безбеден електронски пат.
На овој начин логично е да се очекува дека ќе се отворат нови работни места и развиваат нови бизнис модели, вклучително и отворање дополнителни работни места во делот на доставата, логистиката, грижата за корисници и слично.
Овие предлози се доставени до државниот врв, надлежните јавни институции, општествено-политичките чинители, како и до стопанските комори и граѓанските организации.
Целта на Институтот е да поттикне јавна дебата, но и поширока поддршка за ваквите предлози со цел јасно поставување на соработка на различните општествено-политички фактори која е од интерес на секој граѓанин.