24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Угостителската дејност се одржа активна и ликвидна – нови шест милиони директна помош

Најпогодените од коронакризата, кафулињата и рестораните, повторно ќе бидат помогнати, овојпат со шест милиони евра. Преку шестиот економски пакет, на вкупно 2.204 угостителски компании на располагање им се оставени 5,77 милиони евра, за деновите од периодот кога беа затворени, односно од 6-ти до 27-ми април, или вкупно 21 ден, кога траеше забраната за работа како мерка за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Од Владата соопштија дека со оваа мерка од шестиот економски пакет, на сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, за деновите во кои овие дејности беа затворени. На јавниот оглас се пријавиле 2.406 угостителски компании, но право на користење на помошта имаат 2.204 ресторани и кафулиња, кои се пријавиле со соодветна шифра на дејност.

Сепак, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат и 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година, согласно мерката за субвенции на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата.

-Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, а проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра, извести Владата.

Шестиот пакет мерки предвидува и поддршка од 2,5 милиони евра за рестораните за свадби, евент индустријата, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија.

Од почетокот на коронакризата па досега, властите решија да креирааат повеќе таргетирани мерки за угостителската дејност, како што се субвенциите за придонеси, намалување на стапката за ресторантски услуги и служење храна и пијалоци, директна финансиска помош за регистрираните компании во угостителската дејност, репрограмирање на долговите, овозможување бескаматни кредитни линии и други, со што дејноста, како што оценуваат од Владата, останала жива, активна и ликвидна.