Она што од ВМРО-ДПМНЕ го најавуваа како „масовни протести за одбрана на Македонија“, по се изгледа, доживеа крах. Единствено стотина членови и приврзаници на партијата се приклучија на повикот на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за блокирање на главните крстосници во десет градови ширум земјава.
-ВМРО-ДПМНЕ излегува на блокади во Скопје и 10 градови во Македонија. Заев да каже за што разговара! Излези за Македонија, апелираше Мицкоски на својот фејсбук профил, но очигледно гласните повици на социјалните мрежи не се преточија во масовност на улиците.
Тој напиша и дека е на улица за да се крене гласот и да добие одговор на прашањето дали се преговара за македонскиот идентитет, но сепак на улиците без забележливи повеќе возила отколку истомисленици. Слабиот интерес, дури и кај членството на партијата, за денешните протести беше регистрирано безмалку на сите блокирани крстосници. Освен во Скопје, посетеноста беше ниска и во други поголеми градови од внатрешноста, како во Битола, каде дваесетина лица изразуваа револт и покрај тоа што станува збор за општина со повеќе од сто илјади жители.
Последниов период, ова не се единствените протести поддржани од опозицијата кои доживуваат дебакл. Веројатно поради малата заинтересираност веќе не се најавуваат ниту протестите на дел од родителите кои не се согласни со реформата за дигитализација во образованието.