Димитар Апасиев девет месеци од извршување на функцијата пратеник во Собранието нема поднесено ниту еден амандман ниту, пак, закон во интерес на работниците и работничките права, во интерес на граѓаните, што е директен доказ дека лидерот на Левица е лажен борец за социјална правда, велат од СДСМ.
„Апасиев и Крмов работат како продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, со истата деструктивна матрица како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со блокади и опструкции на важни закони за граѓаните и државата. Кога ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше законите за петтиот и шестиот пакет мерки помош за граѓаните, лажниот левичар Апасиев го немаше никаде, го нема никаде кога се блокира Клинички центар, најкапиталната инвестиција во македонското јавно здравство“, се наведува во соопштението.
Додека добиваат државни, народни пари, велат од СДСМ, Апасиев и Левица во Собранието работат на директна штета на оние кои ги плаќаат, на директна штета на граѓаните.
„Левица предводена од лажниот борец за социјална правда Димитар Апасиев само за блокади, лажни вести и гол популизам“, обвини СДСМ.