24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Додека ние помагаме да се заштити здравјето и да се спасат работни места, ВМРО-ДПМНЕ блокира

„Додека ние помагавме да се заштити здравјето и да се спасат човечки животи ВМРО-ДПМНЕ го поткопуваа здравствениот систем. Додека ние помагавме да се спасат работни места, да се обезбеди поддршка за граѓаните и фирмите тие го блокираа Собранието“ истакна премиерот на Република Северна Македонија и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во неговото воведно обраќање на 26. Конгрес на партијата.

Тој додаде дека, сепак, Владата нема да потклекне и дека ниту една блокада нема да ги поколеба.

„Здравството е еден од клучните ресори во секоја земја и ние ќе продолжиме да го третираме со должна почит. Токму затоа, во новото раководство ќе имаме повеќе здравствени работници, повеќе лекари. Ќе продолжат инвестициите во здравствениот сектор. Ќе го продолжиме трендот на зголемување на раст на платите на здравствените работници и до 2024 година тие ќе бидат повисоки за 40 отсто, како што ветивме на минатите избори“ истакна Заев.

Претседателот на СДСМ кажа дека пандемијата на коронавирусот нанесе сериозни последици по економијата, но дека ефикасните и навремени чекори преземени од Владата помогнале во ублажувањето на поседиците и рестартирањето на економијата.

„Со економските пакет мерки успеавме да сочуваме повеќе од 100.000 работни места. Помогнавме по разни основи над 400.000 граѓани и над 35.000 компании. Над 65 милијарди денари директно се вбризгани во домаќинствата и во компаниите. Преку субвенционирањето на придонесите на фирмите, за зголемувањето на платите на работниците до 6.000 денари, 200.000 работници ширум целата држава имаат зголемување на своите плати“ потенцираше Заев.

Тој повтори дека клучен чекор напред е продолжувањето со постапката за изградбата на нов, модерен клинички центар во Скопје и ја повика опозицијата да не го кочи овој проект што значи здравје за сите.