26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Средба Заев – Фон дер Лаен: Идентитетски прашања не смее да бидат на масата за разговори

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во рамките на посетата на Брисел, оствари средба и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

На средбата премиерот Заев упати порака до претседателката Фон дер Лаен за уште поактивно вклучување на ЕК во изнаоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.

Премиерот Заев нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за својата европска иднина.

„Македонскиот идентитет, освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порача премиерот Заев.

Тој додаде дека Северна Македонија ги спроведе сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.

На средбата со премиерот Заев, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, потврди дека ЕК ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, како што рече таа, ова е многу важен процес, кој не смее да го одложи почетокот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ и дека таа се залага за двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите, без натамошно одлагање.