7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Обвинeние за Вера Иванова, за аферата со дијализа

До кривичниот суд во Скопје поднесено е обвинение против Вера Иванова поради сторени кривични дела перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција извести дека Иванова се гони затоа што, како што велат, преку тендер си обезбедила лиценца за извршување дијализа, за потоа, по склучување на договорот со Министерство за здравство, да го продаде уделот на шведска компанија, без да го консултира министерството.

Со тоа, обвинителот кој го води случајот ја сомничи Иванова дека целта не ѝ била вршење здравствена дејност, туку зголемување на уделот во компанијата.

„Обвинетата В.И., како одговорно лице – управител на ТД ‘Метрополитен’ ДОО Скопје, искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година со намера за себе да прибави противправна имотна корист, искористила можност како трговско друштво да учествува во постапка организирана од Министерството за здравство за добивање лиценца за извршување здравствена услуга дијализа. Целта на обвинетата не било да извршува здравствена дејност дијализа, туку со добивање лиценца од 20 години, а со тоа и монополска положба на пазарот на овој вид здравствени услуги, да обезбеди повеќекратно зголемување на вредноста на уделот во правното лице. Откако ја основала приватна здравствена установа ‘Дијамед’, каде основач е ТД ‘Метрополитен’ ДОО Скопје, на 14.2.2014 година со Министерството за здравство склучило договор за лиценца за вршење здравствена дејност во мрежа дијализа, обезбедувајќи пазар на јавна услуга за дијализа во РСМ во траење од 20 години со загарантирано навремено плаќање на извршените услуги. Оваа околност на обвинетата ѝ овозможила да постигне значително повисока цена за уделите на трговското друштво од запишаната вредност на уделот, кој тогаш изнесувал 231.000,00 денари“, велат од
Обвинителството.

По склучувањето на договорот во 2015 година, според Обвинителството, Иванова со цел да го продаде јавниот монопол во здравството, започнала преговори со странско правно лице, шведската компанија „Дијаверум Шведска АВ“, за продажба на удели во ТД „Метрополитен“ ДОО Скопје.

„За да ја избегне обврската за добивање претходна согласност од Министерството за здравство за пренос на уделот, уделот го пренела на ТД ‘Метрополитен’ ДОО Скопје – основач на ПЗУ ‘Дијамед Македонија’ – носител на лиценцното договорно право во вршење здравствена услуга во мрежа дијализа. Без да овозможи Министерството за здравство, како јавен партнер, да утврди дали шведската компанија ‘Дијаверум Шведска АВ’ ги исполнува истите тендерски услови како избраното ТД ‘Метрополитен’ ДОО Скопје, обвинетата на 31.10.2018 година склучила договор со ‘Дијаверум Шведска АВ’ за пренос на удел. Со ваквите дејствија обвинетата вредноста од уделот во ‘Метрополитен’ кој бил 231.000 денари го зголемила на 11.560.000 евра за колку и го продала на новиот правен субјект. Обвинетата во свое име и во име на правното лице на кое е управител и сопственик, паричните средства прибавени со сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.5 од Кривичниот законик, ги пуштила во оптек, и тоа износ од 3.275.000 евра, на сметка отворена на име на обвинетата, во банка во РСМ и во износ од 8.281.000 евра, на сметка што гласи на правното лице чиј краен сопственик е обвинетата, во банка во Кнежевство Монако“, стои во соопштението на Обвинителството.