Вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи, во интервјуто за Слободен печат открива дека државата обезбедила два милиони евра, директна помош за ивент индустријата. Јавниот повик е во финална фаза на подготовка и ќе биде објавен во следните две недели. Тој ќе биде отворен до почетокот на месец мај, после што ќе бидат обезбедени грантови за апликантите кои ќе ги исполнат условите, а од месец јуни па до крајот на септември се очекува реализација на десетици настани и моќно културно лето со работен наслов “30 години Независност”.
„Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари, артисти, културни работници, фотографи, сниматели, продуценти, техничари и други професии кои вообичаено се ангажираат во и околу евент индустријата. Целта е да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина во која сите ќе можеме да уживаме, како што тоа го прават години наназад.“- изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервјуто за Слободен печат.
Според него не станува збор за поддршка за да се седи под клуч во услови на пандемија, туку обратно – се овозможува буџет кој ќе ја држи оваа економска гранка жива, активна, за да се создава содржина, да зрачат овие оператори во етер, да се продуцира нова програма и секако тие содржини да доаѓаат до граѓаните, до различните публики, до народот. И народот ја очекува оваа мерка бидејќи “култура во време на корона” е нешто што дава оптимизам, што го крева духот и што праќа пораки на меѓусебно охрабрување меѓу нас.
„Со најмалку милион евра ќе ја поттикнеме евент индустријата да работи дури и во време на рестриктивни мерки зашто условите ќе бидат такви да ги задолжат операторите да организираат настани исклучиво според сите актуелни КОВИД-19 здравствени протоколи, што значи дека настани и продукција на содржина се можни дури и во време на пикови, се разбира преку онлајн врски, видео стриминзи, преку медиумите – на пример, артистите на некој локален плоштад, а граѓаните, публиките дома, онлајн пред својот телефон или компјутер, пред ТВ или радио приемниците. Кога се сака – се може. Убеден сум дека ова ќе биде сериозно освежување и за музичката, и за концертната, и за конференциската индустрија и особено за културните работници.“- дополнува Битиќи во интервјуто.
Нема да има строги ограничувања во формата, ќе се поддржат секаков тип настани од јавен карактер, од концерти до изложби, претстави, проекции, јавни предавања, фестивали, свечености… Клучни критериуми се за содржините да се ангажираат исклучиво домашни артисти и изведувачи, за во целост да се поддржи домашната сцена и настаните да се на тема од висок јавен интерес со што ќе придонесеме и кон националната гордост, кон она што е наше обединување и највисок државнички интерес – а тоа оваа година е јубилејот 30 години независност на нашата татковина Северна Македонија како и 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.