Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работен состанок со директорот на Државниот студентски дом- Скопје, Виктор Велевски и претседателката на УСС-УКИМ, Ева Цветковска.
На состанокот вицепремиерот Николовски го презентирал Планот за борба против корупција со посебен акцент на мерките и активностите наменети за високообразовните институции и студентските домови како и задолженијата кои произлегуваат и се однесуваат на јавните институции.
„Планот за борба против корупцијата е од отворен тип и ги повикувам сите млади, студентите и претставниците на студентските домови проактивно да се вклучат во креирање на мерки и политики за спречување и сузбивање на корупцијата во областите за кои тие се засегнати, односно во универзитетите, студентските домови, целокупниот процес на студирање, постапките за сместување на студентските домови и трошењето на јавните финасии“, посочи Николовски.
Директорот на Државниот студентски дом – Скопје, Виктор Велевски ја образложи актуелната состојба во домовите кои се под негова надлежност. Директорот го потенцираше намалувањето на долговите на домовите, кои биле наталожени во годините наназад како еден од неговите најголеми приоритети. Преку ангажирање економски оператори, воспоставени се нови стандарди и постигнато е значително подобрување на квалитетот на исхраната. Забележан е и инфраструктурен прогрес, завршени реновирања и реновирања во тек. Активно се работи на уредување на дворовите на домовите како и изградба на 4 игралишта во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Велевски наведе дека и студентските домови како и други структури ви општеството подлежат на корупција која е забележано најзастапена во тендерските постапки.
„Потребно е намалување на учеството на човечкиот фактор при склучување и реализација на договорите за јавни набавки. Во делот на сместување на студентите во студентските домови, оваа постапка е целосно модернизирана, електронска при што се намалени ризиците од коруптивно однесување“, рече Велевски.
Претседателката на УСС-УКИМ, Ева Цветковска истакна дека клучните проблеми при борба со корупцијата ги детектираат во недоволната доверба на студентите во институциите кога се работи за пријавување коруптивни дејствија и незапознаеноста со постапките и процедурите.