18.8 C
Скопје
2. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Калеска-Ванчева: Конечно, треба да се деблокира Собранието, тоа е во интерес на граѓаните

Политичкиот дијалог со опозициската ВМРО-ДПМНЕ е демократски стандард за земја членка на НАТО и држава што се движи кон полноправно членство во ЕУ, изјави Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка и координаторка на Форумот на жените на СДСМ.

„Конечно, треба да се деблокира работата на Собранието, тоа е во интерес на граѓаните и на државата, во интерес на нашата заедничка иднина, особено сега во време на пандемија.

Храмот на демокатијата не треба да биде поле на безбројни пресметки на грбот на граѓаните, туку место каде што ќе се носат решенија за нивните проблеми. Бојкотот опозицијата треба да го замени со вклученост во важните општествено-политички процеси, конструктивноста да ги победи бескрајните опструкции, интересите на граѓаните да бидат над теснопартиските интереси. Заради процесот на имунизацијата на населението против коронавирусот, заради обезбедување поддршка, промоција и потврда од најголемата опозициска партија, се согласивме пописот да се одложи за наесен, од септември“, рече Калеска-Ванчева.

Според неа, важно е да поминат и двете фази од вакцинацијата и, освен попишувачите, да биде вакциниран и значаен дел и од населението што ќе биде попишано. На тој начин, како што вели таа, ќе имаме повеќе имунизирани граѓани, повисок степен на заштита, што ќе резултира со поголема безбедност, но и спокој кај сите граѓани.

„Пописот е важен за сите граѓани во нашата држава. И за Македонците, и за Албанците, и за Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и за сите други етнички заедници, но пописот е важен и за институциите, за општините, за бизнис и граѓанскиот сектор. Затоа е важно тој да биде одржан како статистичка операција. Промовирањето какви било поделби, по етнички, политички или други основи, не е во интерес на граѓаните, ниту во интерес на пописот како исклучително важен за држаата.

Со процесот на деблокада на Собранието нам пратениците ни останува усвојувањето на законските решенија, кои досега беа заглавени во парламентот“, нагласи пратеничката на СДСМ.

Таа очекува дека преку нормална и демократска атмосфера во законодавниот дом, ќе бидат донесени важни законски решенија, како што е законот за нов клинички центар, измените на Изборниот законик, изборот на професионални состави на Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, законот за легализација на бесправно изградени објекти, како и законите што овозможуваат задолжително пензионирање на 64 и 62 години старост.

Покрај овие реформи, следуваат и измени и дополнувања на Изборниот законик, а преку работни групи ќе се разговара за можностите за една изборна единица, отворени листи, како и гласање на дијаспората надвор од димпломатско-конзуларните претставништва, заклучи Калеска-Ванчева.