24.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Прв пат висок албански политичар ги испочитува „тигрите“ на МВР, потврда дека меѓуетничките односи никогаш не биле подобри

Вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, функционер на ДУИ, ќе остане запишан како првиот висок политички преставник на албанската заедница кој оддал почит на годишнина на полициска единица. Тој се појави на прославата по повод 40 години од постоењето на елитната полициска единица „Тигар“.

Македонската јавност до сега немала прилика да види како истакнат државен функционер од владејачка партија на Албанците присуствува на некое одбележување, а ова денеска беше и јубилејно за полицајците тигри. Иако некои медиуми побрзаа да го искритикуваат дека не се поклонил на споменикот на загинатите припадници на МВР во конфликтот 2001 година, сепак неговиот потег преставува промена во односите на ДУИ кон полициските единици, особено кон антитерористичката единица „Тигар“, која беше активна против припадниците на паравоената ОНА.

Самиот Груби истакна дека тоа што се појавил на свеченоста доволно зборува за неговиот и за односот на ДУИ кон значењето на овој полициски одред. А зошто не се поклонил е негова лична одлука, која нималку не може да го засени значењето дека конечно една партија на Албанците искажува почит кон полициските структури. Затоа неговото појавување е сосема доволно за почеток и не значи дека во иднина нема тој или некој негов сопартиец и да се поклони пред споменикот.

Сепак, иако 2001 изгледа далеку, оваа генерација политичари беше политички активна и во тој период, секој на свој начин, па сигурно е потребно уште време двете етнички заедници да продолжат со научената лекција од 2001 година и да ја искористат за соработка, почитување, солидарност и градење заедничка држава.

Појавувањето на Груби може да се гледа и од аголот дека меѓуетничките односи се навистина релаксирани и напредуваат. Неговото присуство на свеченоста кај оние кои во 2001-та пукаа во неговите сопартијци, тогашни припадници на ОНА, потврдува дека функционира концептот „Едно општество за сите“, она што владата се труди да го промовира во изминатите три години и го наметнува како приоритет во меѓусебната соработка и создавање напредна и европска држава.

Сите оние кои со потсмев и со критика гледаат на присуството на Груби на свеченоста, нека се запрашаат дали толку лесно некој висок функционер Македонец би се поклонил на споменик на УЧК? Сепак, паравоената ОНА, која се трансформираше во политичка партија, крваво војуваше токму против полициските единици, па најверојатно се потребни уште години за сето тоа да се надмине, но првиот чекор е направен.

Во овој контекст вреди да се напомене дека за своето 40 годишно постоење, антитерористичката едниница „Тигар“ никогаш немала Албанец во своите редови, што исто така може да се толкува како причина дека Груби имал лична пречка да се поклони пред споменикот. Но, со оглед дека меѓуетничките односи никогаш не биле подобри во Северна Македонија, сигурно дека е дојдено време кога и Албанец ќе ја облече елитната униформа на тигрите.

Спонзорирано: