24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

Добра вест: Над 90 проценти од граѓаните кои аплицирале за инвертер клими ќе добијат пари како субвенција

Од пријавените 5.000 апликации од граѓаните за добивање субвенции за набавка на инвертер-клими, повеќе од 90 отсто се прифатени, информираат од Град Скопје.

Услов за граѓаните да добијат средства за набавка на инвертер клима-уреди беше сите заинтересирани на претходно определени пунктови да ги достават грејните тела кои дотогаш ги користеле, какви што се печки на дрва или пак печки на јаглен, а за возврат на тоа да добијат средства за купување клима-уред.

За таа цел, минатата година Град Скопје распиша јавен повик за доделување субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди.

-Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима-уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ. За оваа цел, во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена беа предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедени од Владата на Република Северна Македонија – велат од Град Скопје.

Оттаму објаснуваат дека целта на јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима-уреди е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци кои чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.

-Исплатата на субвенциите е во тек и се врши сукцесивно, по завршувањето на сите постапки кои се малку пообемни. До овој момент, од пријавените 5.000 апликации, повеќе од 90 проценти се прифатени – велат од Градот.

Во обид да се намали загадувањето на воздухот на територија на Скопје, градските власти најавуваат дека и оваа година повторно ќе бидат доделени 10 милиони денари за субвенции на граѓаните за набавка на велосипеди и електрични тротинети и велосипеди, како и 1 милион денари за субвенции за чистење оџаци.

Прочитајте и… Која: По речиси 20 години, важно е земјата да спроведе попис
– Сѐ уште немаме информација дали ќе се субвенционира набавка на клима-уреди и годинава, бидејќи тие беа финансирани од централниот буџет на Република Северна Македонија – информираат оттаму.

Оттаму посочуваат и дека тие како институција реализираат вакви проекти веќе неколку години, со цел да се подобри состојбата со аерозагадувањето.

-Загревањето на домовите, начинот на движење (субвенции за велосипеди, електрични тротинети, нов еколошки јавен превоз…) се области што се директно поврзани со оваа проблематика и сите активности ќе ја подобрат состојбата со загаденоста на воздухот – заклучуваат градските власти.