Во рамки на денешното обраќање по повод претстојниот попис, претседателот на Владата, Зоран Заев уште еднаш потврди кои се клучните работи за тоа зошто е важен пописот.
„На нашата држава ѝ требаат како неопходни сите податоци што ќе се добијат од пописот.
Пописот не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество.
Пописот на граѓани, домаќинства и живеалишта е од клучно значење за секој сегмент од животот на граѓаните, а по него ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки.
Важно е да се утврди точниот број на населението во земјата, не само вкупниот, туку и во секој плански регион, во секоја општина, населба… но исто толку важно е и да ја добиеме целосната слика по сите основи – на која возраст ни е населението, со какво образование, со какви квалификации, местото на живеење. Или на пример кога се во прашање домаќинствата, живелиштата, становите – пописот ќе ни даде одговор колку од зградите во кои живееме се енергетско-ефикасни, дали имаат пристап за лица со попреченост, колку од домаќинствата се греат на дрва, колку на струја, колку на парно…
Податоците од пописот се од огромно значење и за локалните власти. Тие се суштински кога станува збор за планирање на развојот на заедницата, бројот на учениците визави образовните капацитети, бројот на деца од претшколска возраст наспроти градинките како установи за згрижување на децата.
Од значење за општините се и податоците за структурата на постоечките индустриски капацитети, но уште повеќе на потенцијалите за развој на овие капацитети кои исто така можат да се идентификуваат од статистичките податоци.
Податоците од пописот ги откриваат и можностите на општините за развој на локалните пазари, туристичките потенцијали.
Не случајно минатата година Европскиот ден на статистиката се одбележа под мотото „Подобри податоци, Подобар живот“.
Да не заборавиме дека пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ, бидејќи поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите и затоа во април треба сите да дадеме придонес ова прашање успешно да го затвориме.
Сите да покажеме одговорно однесување и да придонесеме кон пописот како државничка одговорност – сите ние кои сме на лидерските позиции во општеството на централно или на локално ниво, за да може придобивките од статистичките показатели да му се вратат на народот со успешни политики“, гласи дел од денешното обраќање на премиерот Заев.