На денешната 29. собраниска седница ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не гласаа за законот за пописот на населението и домаќинствата, но тој беше усвоен во Собранието.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ова законско решение власта го истуркал на сила, со скратување на постапките и без јавна дискусија и јавни дебати.
„Не се прифатени 26 амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, односно 37 на целокупната опозиција и ефектите од ваквото законско решение ќе се видат наскоро од страна на граѓаните, а одговорноста ќе биде на СДСМ и нивните коалициони партнери. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа за ваквото законско решение“, посочи Мицевски.
Според него, овој закон по скратена постапка, со европско знаменце, има само неколку козметички измени кои немаат, како што вели, никаква допирна точка со регулативите на Европскиот парламент.
„Последниве денови се лецитира со проценти и признавање, односно непризнавање на резултатите од пописот што треба да се спроведе. Што ми дава за право да констатирам дека нашите забелешки се оправдани и дека повеќето забелешки меѓу кои и врзаниот потпис на директорот и заменикот има некаква улога во ова законско решение и дека пописот од статистичка преминува во политичка операција“, изјави од собраниската говорница Мицевски.
Ваквото предложено законско решение нема да биде објективно и фер, рече тој.