Во 11 часот и 58 минути Институтот СИА ВИСТА ги извести медиумите дека има спроведено анкета за рејтингот на политичките партии. Но, прв впечаток дека анкетата е измислена и пласирана во јавноста со цел да му помогне на Христијан Мицкоски да ја зачува лидерската позиција во партијата, е фактот дека првото прашање во анкетата е со содржина „За која партија би гласале на изборите што ќе се одржат на 15 јули?“, односно се мисли на предвремените парламентарни избори од минатата, 2020 година.
По неполн час, или во 12 часот и 42 минути, СИА ВИСТА, откако ја увиделе грешката, која впрочем ги издаде дека анкетата не им е веродостојна, испрати корегирана верзија, со изменето прашање, па во второто известување до медиумите прашањето гласи „За која партија би гласале доколку изборите се одржат утре?“ Очекувано е, кога станува збор за овој институт, дека резултатите од анкетирањето ќе покажат голема предност на ВМРО ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски. После сите релевантни анкети во изминатите месеци, изработени од независни институти, организации, медиуми, на кои Зоран Заев и СДСМ и натаму имаат предност пред сите политички конкуренти, наеднаш, во само неколку дена, со оваа нерелевантна анкета таа предност на чуден начин се стопила и сега Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ убедливо водат.
Ваквата „грешка во чекори“ на СИА ВИСТА, покрај наместените резултати, ја потврди и спрегата на ВМРО ДПМНЕ со низа медиуми кои се под нивна контрола. Имено, по првичното објавување на анкетата, ниту еден од опозициските медиуми не ја објави анкетата, но затоа подоцна, откако беше сменето прашањето, во интервал од 20 до 30 минути, ја објавија сите. Не е тешко да се погоди дека од исто место им е јавено на медиумите да ја премолчат анкетата се додека не се направат корекции. А токму тие корекции фрлија сенка на сериозноста и веродостојноста на анкетата.