„Групирање на повеќе од четири лица е забрането. Ако требало да се овозможи групирање, во одлуката би стоело – освен ако имаат негативни тестови. Да не се изложуваат граѓаните на трошоци за тестови и да мислат дека така ќе може да слават во големи групи. Ќе повторам, секое собирање над четири лица е казниво. Ние имаме оперативен план и голем број служебеници ќе бидат активирани низ сите градови, сите туристички центри, таму каде што имаме концентрација на луѓе, онаму каде има викендици. Одделот за компјтерски криминал детално ги следи сите огласи за издавање, одделот за превенција работеше периодов и им сугерираше на сопствениците да внимаваат на колкумина ја издаваат куќата или станот.“- изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, во Утрински брифинг.
Порача дека празниците мора да се слават мирно, за да бидеме спокојни после, да не направиме нов притисок врз здравството и што полесно да го дочекаме периодот на вакцинација. Владата е подготвена да воведе и порестриктивни мерки околу верските празници за да се избегне групирањето.
„Ние правиме проценка во однос на сите настани кои ни претстојат, активно работиме сите во владата, и преку Комисијата за верски односи ќе имаме состаноци, да се договориме како да постапуваме сите понатаму. Ќе имаме и Главен штаб и седница на влада, и околу Водици и околу другите празници, и ќе утврдиме со какви мерки ќе одиме. Но едно е јасно, македонската полиција ќе постапи против секого што нема да ги почитува мерките.“- категоричен е Спасовски.