„Од кризните или од вонредните комуникации, мислам дека во 2021 односите Северна Македонија-Бугарија ќе продолжат да бидат во врвот на интересот на јавноста, на медиумите и на политичките случувања. Особено бидејќи се поврзани со почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европска Унија. Очекувам во 2021 да почнеме преговори и да имаме масовна комуникација, интензивна комуникација околу стартот на преговорите. На почетокот од годината ќе има повеќе информации во јавноста околу преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија, со надеж дека ќе биде постигнато решение, информирање на граѓаните околу самото решение и понатаму, околу стартот на преговорите.“- истакна Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, на конференцијата во организација на Цивил насловена „Перспективи 2021“.
Дополни дека приоритет во 2021 година е отпорот кон дезинформациите, односно правилно информирање на граѓаните.
„Се разбира, освен стартот на преговорите, сé друго, и Ковид-19 и проблемот со Бугарија, не е нешто што некој го планирал, нешто што посакуваме да го имаме. Сакаме тие работи што поскоро да останат зад нас. Велам дека фокусот ќе биде на овие две теми, но и на справувањето со дезинформациите, коишто произлегуваат од овие две теми и со овој негативен феномен во општеството воопшто. Ние како влада планираме и во 2021 сериозно да се занимаваме со спречувањето на ширењето на лажни вести, односно пружање отпор кон феноменот дезинформации , во соработка со нашите стратешки сојузници, со НАТО, со другите влади на земјите членки на ЕУ и земјите членки на НАТО.“- рече Забрчанец.