23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Митрески: Со буџетот за 2021 економијата и здравството се во нашиот фокус

Предлог-буџетот, кој денеска влегува во собраниска процедура, е континуитет на одговорните политики на Владата, рече денеска Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Како што рече тој, предлогот предвидува што посилна поддршка на здравствениот систем и уште поголема помош за домашната македонска економија.

„Владата предводена од СДСМ праќа јасна порака дека помошта за економијата, помошта за спас на работните места, поддршката на најранливите категории, но и поддршката за јавното здравство, продолжуваат уште повеќе и во 2021 година“, посочи претставникот на владејачката партија.

Како што рече Митрески, предлог-буџетот за 2021 година пред себе има три клучни цели:

– да обезбеди поддршка и унапредување на здравствениот сектор, пред сè, заштита на здравјето и животот на сите граѓани;
– да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои имаат потреба од помош во справувањето со последиците од пандемијата;
– да се одржат и унапредат основните функции на државата и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи.

„Со буџетот за 2021 година обезбедуваме одржливост, но и можности за побрзо надминување на негативните последици од корона-кризата. Затоа е важно сите пратеници преку отворена, инклузивна и транспарентна дебата овде во Собранието да дадат поддршка и буџетот за 2021 година да биде усвоен“, нагласи Митрески.