Признавањето на важноста на ромскиот јазик треба да биде дел од пошироките напори и акции за спречување на сите форми на дискриминација, како и за поддршка на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата заедница, порача премиерот Зоран Заев преку видеообраќање, честитајќи го Меѓународниот ден на ромскиот јазик, 5 ноември.
Притоа тој обрна внимание на два клучни моменти. Едниот е признавањето на важноста на ромскиот јазик и поддршката на Ромите во нивната социјална инклузија и учество во развојот на нашата заедница, а другиот е дека во 2019 и почетокот на 2020 година се издадени 1.000 примероци на македонско-ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демир.
„Кога УНЕСКО го прогласи 5 ноември како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година ни даде уште една причина повеќе да ги славиме и чуваме ромскиот јазик и култура, за да ја препознаеме важноста и еднаквоста на сите јазици. Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија“, рече Заев.
Како што додаде, клучна улога во овие процеси има образованието за да обезбеди можности за учење на историјата и културата на различностите во сопственото и во другите општества.
Заев нагласи дека припадниците на ромската заедница од Северна Македонија имале пресудна улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата и со делото на професорот Јусуф Шаип, кој го посветил целиот живот на стандардизација на ромскиот јазик и за негово вклучување во образованието.