24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Обезбедени 54 милиони денари за награда на здравствените работници во ковид-центрите

Владата предводена од СДСМ континуирано инвестира во здравствените работници и во здравствниот систем, кој со месеци е во борба со пандемијата на коронавирусот. Ребалансот на буџетот, кој е во собраниска процедура, предвидува и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од коронавирусот во ковид-центрите во Скопје и во болниците во другите градови низ државата, соопшти партијата.

Според СДСМ, овие 54 милиони се дел од вкупно 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и ќе бидат распределени за набавка на лекот „ремдесивир“, како и за набавка на вакцини, за тестови за Ковид-19 и за потребите на јавните здравствени установи.

„За опремување на сите одделенија за интензивна опрема со нова, современа медицинска опрема се обезбедени 33 милиони евра со заем од Светска банка. Деновиве на дело ги видовме солидардноста и придобивките од членството во НАТО. Нашето јавно здравство од Северноатлантската алијанса доби 60 респиратори и друга итна медицинска опрема во вредност од 1,4 милиони евра. Од почетокот на корона-кризата, но и претходно, Владата предводена од СДСМ презема сериозни чекори за унапредување на здравствениот систем и за зајакнување на неговите капацитети. Во таа насока продолжуваме и со ребалансот на буџетот за 2020 година, но и во иднина. Следната година следува покачување на платите во здравството за 10 отсто. СДСМ, како одговорна партија, има намера платите во јавното здравство до 2024 да бидат повисоки за 40 отсто од денес, преку зголемување од 10 проценти секоја година“, се додава во соопштението.