Во новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија за еден месец се извршени повеќе од 1.820 прегледи и контроли, соопшти Министерството за здравство.
Во просек дневно доаѓаат меѓу 70-80 пациенти за преглед или за контрола, закажани преку системот „Мој термин“, како и за време на дежурство во вечерните часови.
„Во изминатиот период зголемен е бројот на пациенти за преглед“, информира директорот на Универзитетската клиника за пулмологија, д-р Дејан Докиќ.
Во новиот објект се наоѓаат четири ординации, две амбуланти за пациенти преку „Мој термин“, една за прием на интервентни пациенти и приоритетни упати и една за контролни прегледи. Две простории – дневни болници се наменети за сместување амбулантски пациенти, како и кабинетите за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања, за ЕКГ, две посебни чекалници и други помошни простории.
„На овој начин пациентите што имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во другите амбуланти, кои претходно сите беа на едно место, и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите што доаѓаат овде во Клиничкиот центар и за друга симптоматологија“, посочува д-р Докиќ.
Од Министерството за здравство наведуваат дека во новиот објект во целост се почитуваат сите мерки за заштита на пациентите, на влез се мери температура, секој добива електронско бројче во чекалницата, а посебно назначени лица ги насочуваат пациентите внатре во амбулантите. Во посебни простории се изведуваат разни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можност за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на коронавирусот.