23.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ со ребалансот на буџетот крати пари на капитални инвестиции

СДСМ со ребалансот на буџетот крати пари на капитални инвестиции, а кај непродуктивните трошоци нема намалување, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, скратени се средства за образование и здравство, а средства за мебел и за други луксузи има.

„На чело со СДСМ македонската економија и здравството доживуваат дебакл. Над 40.000 граѓани останаа без работа, а само 2.000 за септември. Јавниот долг изнесува над 60 % од БДП, што според критериумите на Мастрихт, земјата се вбројува во групата на високозадолжени земји. Мерките на Владата не дадоа ефект. Од вкупно планираните 550 милиони евра реализирани беа само 53 %. Четири пакет-мерки не ги вклучува студентите и учениците, ниту малите компании кои се движечка сила на секоја економија. Заев и СДСМ ги оставија малите фирми на цедило, а со тоа и огромен број фамилии и луѓе без работа. Заев на чело со СДСМ обезбедува пари само за нивните фирми и луѓе блиски до власта“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и Светската банка излегла со црни предвидувања за македонската економија и дека предвидува пад на економијата од 5,4 % до крајот на годината, а само за првиот квартал македонската економија бележи пад од огромни 12,7 %.

„Капиталните инвестиции се катастрофално ниски, што го доведува градежниот сектор во опасност. Според последниот извештај, за извршување буџет заклучно со август изнесува едвај 40 %. Предвидувањата на Светската банка се и дека сиромаштијата енормно ќе расте, а моментно во Македонија над 400.000 граѓани живеат на работ на егзистенција. Граѓаните на чело со СДСМ се оставени на милост и немилост со лошите мерки и политичката ноншалантност. Секојдневно расте бројот на заболени од корона, а бројот на мртви ја надминува секоја нормалност. Мафијата на власт ги уништи македонската економија и здравството. Мафијата на власт на чело со Заев покажа колку е неспособна кога се работи за потребите и интересите на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.